Со холивудските легенди Роберт де Ниро, Морган Фримен и Томи Ли Џонс во главните улоги, во кината наскоро пристигнува американската акција-комедија „Холивудска измама“. За празнично расположение, пак, веќе на големото платно може да се погледне и комедијата „Вечера со пријателите“…
Ако во овој период од годината, отсекогаш со нетрпение ги очекуваме и им се радувавме на празниците, а со тоа и го засилуваме нашето расположение со празничен дух, воедно и преку новогодишни и божиќни филмови кои можеа да се погледнат по градските кина, годинава (2020) заради пандемијата предизвикана од ковид-19 воопшто не е така. Сепак, киноприкажувачите во Македонија за љубителите на големото платно нудат богата програма од холивудски наслови, европски и македонски остварувања, а во градските кина публиката може, доколку сака и ги почитува препораките за настани во затворени простории (маски, дистанца и дезинфекција), да ужива во жанровската разнолокост на филмовите кои се на репертоарот.
„Погрешен чекор“
Во кината веќе може да се види шпанскиот трилер „Погрешен чекор“ во режија на Давид Виктори, а во кој улогите ги толкуваат Марио Касас, Милена Шмит, Елизабет Ларена. Во него, еден добар и смирен човек одеднаш се соочува со смртоносна конфронтација. Притоа тој во самоодбрана убива човек, но останува да се види дали ќе се извлече без казна…
„Портирот“
Ова е акционен трилер на јапонскиот режисер Рјухеј Китамура, во кој настапува француската ѕвезда Жан Рено и актерката во подем Руби Роуз. Дејствието на филмот го следи животот на девојката Али која по ангажманот во Армијата работи како портирка во зграда во Њујорк. Таа ќе мора да ѝ се спротивстави на бандата бескрупулозни крадци чиј водач е Виктор Дибуа. Рено го игра негативецот во филмот за чиј карактер вели дека е лик од минатото – во душа уметник, а не платен убиец.
„Хронофобија“
Овој швајцарски трилер го прикажува Сатер, осамен човек, кој е во постојано движење, бегајќи од себе. Преку ден, шета низ Швајцарија со бело комбе, додека преку ноќ тајно го набљудува животот на една друга осамена личност: Ана, млада жена што страда од сложен облик на тага. Откако таа ќе ја открие неговата опседнатост со неа, се создава необична врска меѓу нив. Но оваа кревка рамнотежа за кратко време ќе биде уништена, кога Ана ја открива мрачната тајна на Сатер. Филмот e хроника на невозможна љубовна приказна. Режијата е на Франческо Ризи, а улогите се на Виницио Марчиони и Сабине Тимотео.
„Тишината на белиот град“
Шпанскиот криминалистички трилер е екранизација на првиот роман-бестселер од трилогијата на писателкатра Ева Гарсија Де Уртури која ги спојува сегашноста и темното минато. Безживотните тела на еден млад пар се пронајдени голи во катедрала во шпанскиот град Викторија. Криминалистичкиот профајлер Унаи и заменичката на комесарот Алба, го добиваат овој мистериозен случај, но набрзо откриваат дека станува збор за сериски убиец, кој го тероризира градот веќе 20 години… Режијата е на Даниел Калпарсоро, а улогите ги толкуваат Белан Руеда, Хавиер Реј, Аура Гаридо, Маноло Соло.
„Вечера со пријателите“
За празнично расположение, во кината пристигна и комедијата „Вечера со пријателите“, во која Моли и Аби, заедно со нивната блиска група пријатели и познаници, се домаќинки на забава по повод Денот на благодарноста, кој брзо прераснува во дисфукнционална, комична и хаотична вечера. Режијата е на Никол Паоне, а улогите на Малин Акерман, Кет Денинг, Ајша Тајлер.
„Семсем“
За младата публика интересен ќе биде белгиско-францускиот анимиран филм „Семсем“. Во оваа семејна авантура младиот и бестрашен Семсем има скоро сè што може да сонува еден космички херој: херојски родители, еден куп супер пријатели и сопствена летечка чинија со која ја истражува вселената, освен неговите супермоќи кои сè уште не се појавиле. Заедно, со неговата пријателка Мега започнуваат космичка авантура што ги учи дека пријателството и храброста може да бидат најважната работа за која сонуваат. Режијата е на Тенџеј де Кермел.
„Стрељцов“
„Стрељцов“, пак, е руската биографска спортска драма која се препорачува за љубителите на фудбалот. Во неа, младиот Едуард Стрељцов навидум има сѐ што еден 20 годишен млад човек може да посака: талент, пари, слава и љубов. Тој е новата ѕвезда на Советскиот фудбал. Целата земја очекува победа од националниот тим на Светското првенство, каде Стрељцов треба да се соочи со неверојатниот бразилски фудбалер Пеле. Но, непријателите на Стрељцов му ја уништуваат кариерата, а тој мора да докаже дека е вистински шампион. Режијата е на Иља Учител, а улогите ги толкуваат Александер Петроф, Стасја Милославскаја, Александар Јатсенко.
„Холивудска измама“
Со холивудските легенди Роберт де Ниро, Морган Фримен и Томи Ли Џонс во главните улоги, во кината наскоро пристигнува и американската акција-комедија „Холивудска измама“. Во неа, двајца филмски продуценти должат пари на мафијата, а за да се спасат, пробуваат да ја искористат својата ѕвезда… Режијата е на Џорџ Гало, а во останатите улоги настапуваат Емили Хирш, Блерим Дестани, Зак Браф.
„Ловец на чудовишта“
И американската акција-фантазија „Ловец на чудовишта“ во која главната улога ја толкува Мила Јовович наскоро се очекува на големото платно. Режијата е на Пол В. С. Андерсон, а во останатите улоги настапуваат Диего Бонета, Рон Перлман, Тони Ја. Кога поручник Артемис и нејзините лојални војници се транспортирани во новиот свет, тие се впуштаат во очајна борба за преживување против непријателите со неверојатни моќи. Овој филм е базиран на видео играта Capcom.
„Хомо“
И за оние кои не го гледале, во скопските кина сè уште може да се погледне македонскиот игран филм „Хомо“ во режија на Игор Иванов – Изи. Улогите ги толкуваат Наташа Петровиќ, Игор Ангелов, Оливер Митковски, Јелена Јованова, Сашко Коцев. Драмата „Хомо“ прикажува шест лица, шест состојби во луцидно поврзани епизоди проткаени со црн хумор. Безнадежните ликови случајно се среќаваат во модерната метропола, при бескрајни обиди да опстанат и најдат малку среќа. Невработениот дипломец станува гробар, ужалената вдовица – монахиња, свештениците се коцкаат, а со судовите владеат гангстери. И кога изгледа дека надежта е мртва, едно осамено момче успева да пронајде љубов… (Н.И.Т.)