Соговорникот кој Би-би-си го нарекува Антон, а чие вистинско име се чува во тајност, вели дека во базата постојано имале вежби, па времето во кое би можело да се реагира би било само две минути. Но, кога почна војната, првиот ден, оружјето било целосно подготвено за употреба за почеток на поморски, воздушни, копнени и нуклеарни напади. Некои западни експерти сугерираат дека поголем дел од руското оружје е од советската ера и можеби не функционира, но Антон тврди дека руското нуклеарно оружје е целосно оперативно и подготвено за борба, зашто одржувањето се врши континуирано, никогаш не запира, ниту една минута. Волонтерска организација која им помага на дезертерите, „Идите Лесом“ изјави за Би-би-си дека бројот на дезертери кои бараат помош се зголемува на 350 месечно. Сепак, ризиците за оние што бегаат се зголемуваат. Најмалку еден дезертер е убиен откако избегал, а имало и неколку случаи во кои мажите биле насилно вратени во Русија и изведени пред лицето на правдата. Иако ја напуштил Русија, Антон вели дека безбедносните служби сè уште трагаат по него.
На 24 февруари 2022 година, првиот ден од руската инвазија на Украина нуклеарното оружје во една од тајните руските бази било во целосна борбена готовност. Ова за Би-би-си го тврди поранешен руски нуклеарен инженер, чие име се чува во тајност, а британскиот јавен сервис го нарекува Антон.
Репортерот со него се сретнал на тајна локација надвор од Русија, која не се соопштува од безбедносни причини. Од истите причини сменето е и името на офицерот, а негова фотографија не е објавена.
-Пред тоа имавме само вежби. Но, кога почна војната, првиот ден, оружјето беше целосно подготвено за употреба. Бевме подготвени да започнеме поморски, воздушни и копнени напади и да извршиме нуклеарен напад, вели Антон.
Тој бил офицер во строго тајна нуклеарна база во Русија, а на репортерот му покажал документи кои ги потврдуваат неговата единица, чин и база. Од Би-би-си велат дека не можат самостојно да ги потврдат сите настани што ги опишал Антон, иако тие се совпаѓаат со извештаите на руските официјални лица и војници од тој период.
Според кажувањето на офицерот три дена откако војниците ја преминале украинската граница, претседателот Владимир Путин објавил дека руските нуклеарни сили за одвраќање се ставени на „специјален режим на борбена готовност“. Антон тврди дека борбената готовност била воведена веќе на првиот ден од војната и дека неговата единица била затворена во базата.
-Сè што имавме беше руската државна телевизија. Јас навистина не разбрав што значи сето тоа. Автоматски ги извршував моите должности. Не учествувавме во борбите, само го чувавме нуклеарното оружје, вели тој.
Состојбата на готовност, додава, е укината по две до три недели. Сведочењето на Антон дава увид во строго доверливите внатрешни работи на руските нуклеарни сили. Исклучително ретко се случува членовите на оваа служба да разговараат со новинари, посочува Би-би-си.
Таму има многу строга селекција. Сите се професионални војници, нема регрути, објаснува офицерот кој сервисот го нарекува Антон.
-Постојани се проверките и тестовите со детектор за лаги за сите. Платите се многу повисоки, а војниците не се испраќаат во војна. Нивната улога е или да одбијат или да извршат нуклеарен напад, вели тој.
Додава дека неговиот и животот на неговите луѓе во единицата бил строго контролиран.
-Моја одговорност беше да се погрижам војниците под моја команда да не донесат телефони во нуклеарната база. Тоа е затворено општество, таму нема странци. Ако сакате родителите да дојдат да ве посетат, треба да поднесете барање до ФСБ три месеци однапред, додава поранешниот офицер, кој бил дел од единицата за безбедност на базата во силите за брза реакција кои го чуваат нуклеарното оружје.
Тој со гордост вели дека постојано имале вежби, па времето во кое би можело да се реагира би било само две минути.
Според Федерацијата на американските научници, Русија има околу 4.380 оперативни нуклеарни боеви глави, но само 1.700 се „распоредени“ или подготвени за употреба. Сличен број нуклеарни боеви глави имаат сите членки на НАТО заедно.
Постои загриженост дека Путин би можел да употреби „нестратегиско“ нуклеарно оружје, кое често се нарекува тактичко. Станува збор за помали ракети кои обично не предизвикуваат широко распространето радиоактивно влијание, но нивната употреба секако би довело до опасна ескалација на војната. Кремљ тестира сè за да ги тестира нервите на Западот, констатира Би-би-си. Минатата недела Путин ги ратификуваше промените во нуклеарната доктрина, официјалните правила кои одредуваат кога и како Русија може да лансира нуклеарно оружје. Во доктрината сега се наведува дека Русија може да лансира нуклеарно оружје ако биде под масовен напад со конвенционални ракети од ненуклеарна држава, но со учество или поддршка на нуклеарна држава. Руските власти велат дека ажурираната доктрина „ефикасно ја елиминира“ можноста за нивен пораз на бојното поле. Но, дали рускиот нуклеарен арсенал е целосно функционален?
Некои западни експерти сугерираат дека повеќето од овие оружја се од советската ера и можеби не функционираат. Антон ги отфрли ваквите мислења како „многу поедноставен став на таканаречените експерти“. Тврди дека руското нуклеарно оружје е целосно оперативно и подготвено за борба, зашто одржувањето се врши континуирано, никогаш не запира, ниту една минута.
По почетокот на војната, Антон, добил, како што вели, „криминална наредба“ да им држи предавања на своите војници користејќи многу конкретни писмени упатства.
-Тие велат дека украинските цивили се борци и дека треба да бидат уништени! За мене тоа беше црвената линија, воено злосторство. Реков дека нема да ја ширам таа пропаганда, потенцира Антон.
Поради тоа високите офицери го казниле со тоа што го префрлиле во редовна јуришна бригада во друг дел од земјата. Му било кажано дека ќе оди во војна. Пред да биде испратен на фронтот, Антон потпишал изјава со која одбива да учествува во војната, по што против него била покрената кривична постапка. На репортерот на Би-би-си тој му покажал документи кои го потврдуваат неговиот трансфер и пренел детали за кривичната постапка. Рекол дека тогаш решил да избега од земјата со помош на волонтерска организација за дезертери.
-Да избегав од нуклеарната база, локалната служба на ФСБ ќе реагираше решително и веројатно немаше да можам да ја напуштам земјата, вели тој и додава дека верува дека системот на безбедносни проверки на највисоко ниво потфрлил поради тоа што бил префрлен во редовна јуришна бригада. Антон вели дека сака светот да знае дека многу руски војници се против војната.
Волонтерска организација која им помага на дезертерите, „Идите Лесом“ („Оди низ шумата“, на англиски, или „Изгуби се“) изјави за Би-би-си дека бројот на дезертери кои бараат помош се зголемува на 350 месечно. Сепак, ризиците за оние што бегаат се зголемуваат. Најмалку еден дезертер е убиен откако избегал, а имало и неколку случаи во кои мажите биле насилно вратени во Русија и изведени пред лицето на правдата. Иако ја напуштил Русија, Антон вели дека безбедносните служби сè уште трагаат по него.
-Овде преземам мерки на претпазливост, работам неформално и не се појавувам во ниту еден официјален систем, посочува тој и вели дека престанал да контактира со пријателите во нуклеарната база за да не ги доведе во опасност.
-Тие мора да ги поминат тестовите на детектор за лаги, а секој контакт со мене може да доведе до кривична постапка, смета Антон.
Сепак, тој е свесен за ризикот што го презема, помагајќи им на другите војници да избегаат.
-Разбирам дека колку повеќе го правам тоа, толку е поголема шансата да се обидат да ме убијат, заклучува дезертираниот руски нуклеарен офицер.