Девојче загина кога врз него се урна ѕид од семејната куќа: Земјотресот во Авганистан ги зеде првите жртви

123
EPA-EFE/FAROOQ KHAN

Најмалку две лица загинаа во земјотресот со јачина од 6,5 степени според Рихтеровата скала што вечерва го погоди северен Авганистан, соопшти Европско-медитеранскиот сеизмолошки центар (EMSC).

Во соопштението се наведува дека земјотресот бил силно почувствуван во соседен Пакистан, каде што 13-годишно девојче загинало кога врз неа се урнал ѕид во семејната куќа, а најмалку 150 лица се повредени во областа Сват на северот на Пакистан, поради што локалните болници прогласија итна ситуација, пренесува Ројтерс.

Авганистанските власти најавија дека засега немаат прецизни податоци за жртви.

Портпаролот на авганистанското Министерство за вонредни ситуации, Шафиула Рахими, изјави дека две лица загинале во источниот дел на провинцијата Лагман и потврдил дека земјотресот бил многу силен, дека е почувствуван во Бадакшан и во северниот дел на Авганистан, но и во Њу Делхи, главниот град на Индија.

Земјотресот бил на длабочина од 194 километри со епицентар во планинскиот венец Хинду Куш, во близина на оддалечената провинција Бадакшан на северот од Авганистан, се вели во соопштението на EMSC.