Триесет и едногодишната Елена Ставреска, по професија дипломиран сликар, рачно изработува уникатни парчиња плетен, но и филигрански накит.

Таа ѝ се препушта на фантазијата и скапоцените камења или камењата од река, езеро, море ги врамува во плетиво или во скапоцен метал – сребро. Голема инспирација и се геометриските форми, готскиот стил, но и природната форма на самите камења.

Елена вели дека затоа е позната и како девојката со камења.

– Затоа, моите пријатели и познаници кога ќе излезат некаде во природа ми носат кесиња со интересни камења, а скапоцените ги набавувам оттука или ги нарачувам по интернет. Овие природни камења ги вградувам во плетиво, додека со филигранот комбинирам минерали, кристали и секаков вид на полускапоцени камења (ахат, карнеол, розов кварц, аметист, лапис лазули, опсидијан), истакна Ставреска и додава дека е доволно само едно парче од овој накит за облеката да ти ја направи интересна.

Кај неа сè е уникатно, од сè има само по еден примерок. Не изработува во серии и не прави копии. Затоа парче од плетениот накит кај неа чини од 20 до 50 евра, додека од филигран од 25 евра, па до 100 евра.

Таа вели дека плетениот накит почнала да го изработува точно пред шест години.

– Имав изложба за која морав да научам да плетам. Основите на плетењето ги научив од мојата тетка и од мајката на мојата најдобра  другарка. Потоа, сама почнав да истражувам и да изработувам парчиња накит, најпрво за себе, зборува за своите почетоци Ставреска.

Таа додава дека увидела оти плетењето е техника која е многу применлива.

– Оваа техника има широка намена. Можат да се плетат џемпери, шалови, капи, туку може и да се изработува и накит. Откако почнав да изработувам накит, утврдив дека тоа јас сум го имала во глава, но никаде не можев да го најдам. Откако го видоа накитот на мене, пријателите посакаа и за нив, па така почнав да изработувам накит и за други. Сега изработувам и за продавање. Моите производи ги нудам на социјалните мрежи, а сум учествувала и на повеќе базари кај нас и во странство, вели Ставреска.

Таа додава дека благодарение на интернетот нејзините уникатни парчиња накит ги бараат и во странство.

– Имав порачки од Колорадо, Мексико. Мое парче накит отиде и во Норвешка, Италија, Словенија и Велика Британија. Во најголем дел тоа е дел од накитот кој е веќе изложен на интернет страницата, се пофали Ставреска.

Таа истакна дека нејзиниот накит е баран и овде во Македонија.

– Има луѓе кои ќе дојдат еднаш кај мене повторно се враќаат за нов накит. Се работи за естетика која на прв поглед изгледа чудно, но кога луѓето ќе ја примат им станува блиска и при срце и повторно доаѓаат да побараат нов, поинаков. Некои од нив имаат цели мои колекции, објаснува Ставреска.

Освен плетен, таа изработува и филигрански накит.

– Тоа е наша автохтона техника. Имаме наш изворен филигран кој го совладав лани. Учев кај мајстор Александар Баки Милев. Тој ми го пренесе занаетот. Тоа е веќе сосема нов хоризонт. Љубовта кон скапоцените камења останува. Убаво е кога тие ќе се врамат во плетена ткаенина, меѓутоа сосема е друго кога ќе бидат вградени во парче скапоцен метал – сребро – вели таа.

Годинава учествувала на Саемот за уметност во Грац, Австрија.

– Беше интересно. Тоа беше голем саем на кој имаше претставници од Балканот, Турција, Србија, Германија, Австрија и други земји, раскажува Ставреска.

Нејзин неостварен сон за во иднина е да направи изложба на накит од филигран, иако веќе имала една со плетен накит.

– Изложбата беше во Јавна соба на 19 февруари 2016 година. Сега сакам да подготвам изложба со филигранот, се надевам дека ќе ја реализирам, вели Ставреска.

(А.П.) – Фото: П.С.