Деветгодишниот Македонец Лука Јовановски, има исти проблеми со видот, како и неговиот музички идол, пејачката ѕвезда Саша Матиќ  

851

Eмотивна средба!

Саша беше поканет, штом ќе најде слободно време, да дојде на гости, во кое било време, кај Лука и неговото семејство. Тоа допрва ќе биде празник. Поканата со задоволство беше прифатена од страната на пејачот!

Симпатичниот скопјанец Лука Јовановски има само девет години и има исти проблеми со својот вид како и неговиот музички идол пејачот Саша Матиќ. Од како знае за себе, малиот Лука ги обожава песните на Саша. Ние со него се запознавме  неодамна, тука, во Скопје, во ресторанот на хотелот „Парк“, каде што неговиот миленик, Саша, имаше прес-конференција по повод концертот во Скопје, на 21 декември, во арената „Борис Трајковски“, во организација на „Прагма продукција“.

– Обожувањето на песните на Саша дојде некако спонтано. Тоа го забележавме откако почна Лука сè поинтензивно да го следи пејачот преку музичките интернет-канали – велат неговите грижливи родители Силвана и Игор.

Денот ни започнува и завршува со некоја од песните на Матиќ. Покрај Лука, сите негови песни ги научивме напамет. Убави се и емотивни песните на Матиќ, имаат преубави текстови, така што и ние, како мајка и татко, го поминуваме слободното време со неговата музика.

Додека неговите другари од основното училиште „Димитар Влахов“ се најчесто надвор, играјќи фудбал, кошарка или ракомет, Лука е почесто дома, со своите омилени инструменти: тапан, хармоника и синтисајзер. Преку нив, се поразбира, се свират хитовите на Саша Матиќ: „Рескирај“, „Дан за даном иде“, „Све је на продају“,„Ја се не предајем“, „Ништа није заувек“, „Кад љубав закасни“, „Поклоните ми њу“, „Хиљаду пута“, „Ја имам тебе“… И вистина е дека Лука го има Саша како свој музички миленик, со песните, кои му го разубавуваат секој ден.

При средбата со Саша, по новинарскиот прес, Лука беше прашан која песна најмногу ја слуша. Одговори дека тоа се сите песни, но ако мора да избере некоја, тоа е големиот хит „Рузмарин“. Оваа песна секако дека ќе биде испеана и на декемврискиот скопски концерт на Матиќ. Можно е, доколку се наредат коцките, Лука и Саша заедно да ја испеат оваа песна пред многубројната публика. Дотогаш Лука ќе живее со силните впечатоци од другарувањето со Саша, муабетот што го имаше со него и заемната размена на позитивни вибрации.

Саша Матиќ, инаку, отпорано се знае со Лука и секоја нивна нова средба е нова радост за двајцата. Како што беше оваа скопска. Не само што разменија убави мисли и зборови туку разменија и бакнежи, со што срцето на Лука, разбирливо, се разнежи.

Тоа беше едно ново, поинакво зацврстување на пријателството. Без разлика на тоа што судбината им одредила да не можат физички да се видат тие имаат мошне длабоки чувства.

На крајот од другарувањето, Лука и родителите, го поканија Саша, штом ќе најде слободно време, да дојде на гости, во кое било време, кај нив дома. Тоа допрва ќе биде празник. Поканата со задоволство беше прифатена, така што наскоро и комшиите и роднините на Лука Јовановски ќе имаат чест да бидат во друштво на балканската пејачка ѕвезда, Саша Матиќ.

Дуле Миќиќ

ИЗДВОЕНИ