Дебата: Ако не се сменат тековните политики до 2100 година ќе има раст на глобалната температура до 6 степени

61

Доколку државите ги применуваат истите тековни политики проекциите за раст на глобалната температура во 2100 година ќе изнесуваат до 6 степени целзиусови. Растот на глобалните температури би изнесувал од три до 3,7 степени, и ќе бидеме далеку и од основна цел од два степени што е програмирана со Парискиот договор. Земјите дале свои придонеси, но не се доволно амбициозни за да се постигне саканиот резултат, посочи д-р Наташа Марковска од МАНУ на денешната дебата „Климатските промени-актуелни состојби, перспективини закани и можни одговори“ во организација на Факултетот за безбедност (УКЛО) и Институтот за социолошки и политички-правни истражувања од Скопје.

Директорката на Институтот за социолошки и политичко правни истражувања Бојана Наумовска рече дека со овој настан официјално го почнуваат проектот „Воспоставување на академска мрежа за истражување и студии во доменот на намалување на ризици од катастрофи“.

– Природните катастрофи не се само нешто што се случува далеку, се повеќе се присутни во Европа, се повеќе се присутни на Балканот, а ни се случија и на нам. Последната што ја паметиме е од 2016 година и оттогаш некако почна почесто да се зборува за катастрофи, природни непогоди, ризици…И тука се поставува прашањето дали можеме да направиме нешто за да промениме. На природните процеси можеби и не можеме да им влијаеме, но одговорното однесување може да придонесе да превенираме дел од последиците, да ги ублажиме.

Професор д-р Александар Иванов на Факултетот за безбедност посочи дека идејата на овој проект е воспоставување на академска мрежа за истражувања во доменот на намалување на ризици од катастрофи.

– Предвидени се повеќе активности во рамки на спроведување на овој проект. Една од тие активности е организација на научно-стручни расправи што се четири на број: ова е првата посветена на климатските промени, втората е посветена на одржливиот развој, третата е посветена на намалување на ризици од катастрофи, а четвртата на критичната инфраструктура во една генерална рамка. Иако тие се терминолошки различни се работи за концепти што произлегуваат еден од друг и меѓусебно се надополнуваат.

Анита Коџоман, шеф на сектор за енергетика, животна средина и управување со ризици во УНДП појасни дека се работи на три програми: животна средина, енергија и управување со намалување на ризици од несреќи и катастрофи, социјална вклученост и имплементирање на Програмата на владата за вработување, и добро владеење и поддршка за процесот на локалните самоуправи. Програма што ја води е фокусирана на три пилари, климатски промени, одржливо управување со природни ресурси, управување со ризици од несреќи и катастрофи.

– Главни донатори на програмата се швајцарската Влада, Европската унија, Глобален еколошки фонд и Градот Скопје. За програмата пари имаме најмногу од Град Скопје. Земјата за жал нема национален план за адаптација, а она што најмногу недостасува е меѓусекторка соработка и стратегии, а исто така нема доволен број национални консултанти кои се занимаваат со ова прашање. Во моментот тоа е МАНУ но се обидуваме да го прошириме тимот.