„Маалските граници на Дебар Маало се неповредливи. Секој Дебармаалец има чест и обврска нив да ги брани и по цена на животот на тој што сака да чепка по нив. Според непотврдени податоци, на кои сега работат стручни екипи, првата куќа во Дебар Маало е изградена од Танче млекарот во 1910. Меѓу таа куќа и Офицерскиот дом имало само едно пусто поле. Во зима, луѓето навечер се враќале во групи за да не ги изедат волци“, пишува Горан Стефановски, во својот текст за Дебар маало објавен 1985 година, токму во весникот ВЕЧЕР

Македонскиот драмски писател Горан Стефановски (Битола,1952 – Кантербери, Велика Британија, 2018), кој беше признат и познат не само во рамките на својата држава, туку и многу пошироко, секаде ја истакнувал својата љубов кон Македонија и особено кон Дебар Маало, негово омилено место во Скопје кое секогаш го носел во срцето. Tаа љубов знаел да ја искаже и преку своето перо. Токму со нашиот медиум на 14 декември 1985 година, тој ги споделил своите чувства, своето секојдневие и неизмерната љубов кон своето маало во кое денес па за навек стои спомен-обележјето во негова чест „Клупата на Горан Стефановски“. На 1 јануари, кога во Дебар Маало се слави Новата година и се наздравува со ракија, мезе, песна и игра, ви го пренесуваме во целост писанието на тогаш магистер Горан Стефановски, кој под текстот објавен во весникот ВЕЧЕР, пред речиси 40 години, се потпишал како виш референт во Институтот за дебармаализам…

 

Како што младите не знаат колку се среќни што се млади, а здравите што се здрави, така ни Дебармаалците не знаат колку се среќни што се Дебармаалци. Тоа го знаат другите. Оние што им завидуваат и што сакаат да станат како нив. Бидејќи, денес сè помалку се знае кој е кој и што е што, дебармаалштината е на голема цена. Се појавија многу лажни дебармаалци, аматери-Дебармаалци, но и чесни граѓани кои на секој начин мечтаат да станат Дебармаалци. Бидејќи е време да се заведе ред во таа област, направивме еден кус увод во проблемите на Дебармаализмот со осврт на сето она што треба да се знае за да се биде Дебармаалец. Овој увод може да се служи и како тест за испитување на способностите на кандидатите за Дебармаалци. Во него се обработуваат теми од историјата и од политичкиот, културниот и спортскиот живот на најславното маало во светот и во Скопје. Ова е, нормално, само куса скица. Инаку, Дебармаало заслужува монографија во 10 тома, енциклопедиски формат, со колор фотографии. Значи: Маалските граници на Дебармаало се неповредливи. Секој Дебармаалец има чест и обврска нив да ги брани и по цена на животот на тој што сака да чепка по нив. Според непотврдени податоци, на кои сега работат стручни екипи, првата куќа во Дебармаало е изградена од Танче млекарот во 1910. Меѓу таа куќа и Офицерскиот дом имало само едно пусто поле. Во зима, луѓето навечер се враќале во групи за да не ги изедат волци.

 

ШТО Е ДЕБАР МААЛО?

ДЕБАР МААЛО е светско чудо како египетските пирамиди и кањонот Колорадо.

ДЕБАР МААЛО е ракија со мезе и салата од зелка во „Идадија“, во сенка, во лето.

ДЕБАР МААЛО се и бившите славни кафеани „Нада” и „Јавор”. И шаховскиот клуб во кој Дане Крапчев ги шири идеите на комунизмот.

ДЕБАР МААЛО се случува во летна вечер, во бавчата „Кермес” кога ечи музика, свират штурци, а Дебармаалци со брилијантин во коса топат тенки шприцери и гледаат млади девојчиња. Па плус, мешано месо на жар.

ДЕБАРМААЛО се состои од Том Микс, Тарзан, Питер Лоре, Гунга Дин, Доведите их живе, „Мачиста у лављем кафезу” , „Крик меса” од Емил Јенингс, „Како се калеше челикот”, „Кемен цвет”.

Во ДЕБАРМААЛО секоја недела – се знае: игранки кај јазот покрај тополите каде што е денешна „Партизанска”.

ВО ДЕБАР МААЛО се чувале гулаби – како никаде на друго место!

ДЕБАР МААЛО се двесте грама семки во џеб на навивање за Работнички, кој може да биде само помалку добар, а никогаш лош.

ДЕБАР МААЛО е хранење диви ѕверови во Зоолошка градина со голи раце.

ДЕБАР МААЛО се Бучка, Толчи, Јанди, Чешлар, Квачка, Носорог, Зелки, Зубле, Слонче, Карпа, Ванкар, Занди, Петел, Жапче, Џемо, Гачка, Манци, Шупар, Кос, Пижле, Конте, Бакли, Шарац, Свиња, Крпач, Шишко, Масар, Мачки, Гроф, Туљо, Хитлер, Соломон, Мице, Атка, Биљбиљ, Жапон, Молац, Крап и уште редица одбрани јунаци.

ДЕБАР МААЛО е Спасе Треневски, член на КПЈ од 1936 година. И колибата на Дебармаалската плажа.

ДЕБАР МААЛО е големо црвено велигденско јајце.

„Коледе, леде, паднало, греде,

Отепало деде, деде се мачи,

Баба го квачи, со четири јајца, гускини,

паткини, шаткини…”

Василица „Сурова, сурова година”.

Тараби украсени со плетени врби на Ѓурѓовден.

ОД ДЕБАР МААЛО почнувало Џафте Корзо. А на Џафте Корзо почнувале сите љубови.

ОД ДЕБАР МААЛО се одело на излети на Тасино Чешмиче, на урнаци на Козле, на празници во манастири Богородица, Свети Пантелејмон, Свети Илија на Чардак.

Се санкало со бобови на Водно, кај првите дин-душмани.

Се сличугало со сличуги од дрво по оближните смрзнати бари. Во пролет, нишање на нишалката кај Данејца. Журеви на кои се собирала црвена помош. Гостување на приредби во Тетово до кое со малото вовче се патувало пет саата.

За Славе Биљбиљ ниту нешто може да се додаде, ниту нешто може да се одземе.

ДЕБАРМААЛЕЦ е и Славе Бакалот!

Во слаткарницата на Шишко слаткарот, карши Втора машка гимназија, на илегални состаноци разговараат за револуција и спорт Гого, Дане, Миле, Чачо…

Мајките ги чекаат децата чираци кај единствената ламба кај паркчето – амајлија.

Дебармаалските мајки се научна фантастика.

ДЕБАРМААЛО е НОМСМ,  собиралиштето на социјалистичката младина по ослободувањето, каде што се агитира дека сè ќе биде добро.

ДЕБАР МААЛО е Дане Крапчев, Дане Крапчев!

ДЕБАРМААЛЦИ фаќале риби со бомби, кокошки со јадици.

ДЕБАРМААЛЦИ  влегувале преку нужник во стариот театар за групно да ја гледаат секоја реприза.

Улицата „Алберт Ајнштајн“ треба да се вика „Џон Дилингер”. Од таму излезе едно чудо славна скопска апашаана.

Плажите на големиот маалски јаз се викале „Штица” и „Крокодил”, а болеста секое лето, маларија.

ДЕБАР МААЛО го има и славниот хор на Толчи, кој давал детонација наместо интонација. И уметничко-тамбурашко друштво „Ѓраѓевинар” со мајсторите на прим Лазо Дуковски и Борис Данајлов.

ДЕБАР МААЛО е грозничава скоевска илегална активност на политички атентати.

ДЕБАР МААЛО заслужува амбасадор во Обединетите нации.

ДЕБАР МААЛО е највисок стадиум во човечкиот развој.

ДЕБАРМААЛЕЦ не влегува прв во кавга, ама од неа секогаш излегува како победник.

ДЕБАР МААЛО е светско чудо како египетските пирамиди и кањонот Короладо.

ДЕБАР МААЛО е Дане Крапчев, Дане Крапчев, Дане Крапчев!

ДЕБАР МААЛО заслужува амбасадор во Обединетите нации.

ДЕБАР МААЛО е највисок степен во човековиот развој.

ДЕБАР МААЛО е како први, така други.

ДЕБАР МААЛО е даса гурабија со пупка.

И најневеројатните приказни за Дебармаалци се точни.

Еден дебармаалски фурнаџија можел со прдење да оди од неговата фурна до Руска плажа.

Нема такво тенџере на кое ДЕБАРМААЛЦИТЕ не нашле капаче.

На ДЕБАРМААЛЕЦ му е страв да удри, да не убие.

Кога ДЕБАРМААЛЦИ седнуваат да пијат, за тоа утредента пишува дневниот печат.

На табланет им ги бричат мустаќите на поедини другари.

Ние ДЕБАРМААЛЦИТЕ цигари не пушиме, ама кога пушиме трафики рушиме.

Од пензионерите кои играат табла, дама и шах во парк, тие што победуваат се ДЕБАРМААЛЦИ.

ДЕБАРМААЛЦИ  се светски експерти во благородните вештини: фанта, џамлии, купчиња, ѓентере, челик, нека бие, прангии, стрели, жили, кутии од карбид.

ДЕБАРМААЛЦИ оделе на слава со две рала чевли, едни за да поминат низ калта, други за да влезат во куќа.

ДЕБАРМААЛЦИ биле главно ѕидари и занаетчии, ама нема таков џентлмен како ДЕБАРМААЛЕЦ.

Тони женски срца мечтаат за ДЕБАРМААЛЦИ.

Само ДЕБАРМААЛЦИ го фаќале крстот во Вардар на Водици (ова е тешка лага ама Дебармаалци знаат и да претераат)

ДЕБАР МААЛО е како први така други.

ДЕБАР МААЛО е тајна шифра на мистерија за сите што не се Дебармаалци.

ДЕБАР МААЛО е даса гурабија со пупка.

За ДЕБАР МААЛО може вака до утре и пак малку да биде.

ДЕБАР МААЛО е со еден збор – ДЕБАР МААЛО.