Двојазични ќе станат и институциите во кои нема вработено ниту еден Албанец

81

Глоба во износ од 4.000 до 5.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе се изрече на централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон, како и сите други институции за непочитување на одредбите од законот за употреба на јазиците, предвидува новата регулатива која веќе стапи на сила.

Глоба во износ од 30% од одмерената глоба ќе му се изрече на службеното лице и одговорното лице во органите од став 1 на овој член, пишува во законот.

Во исто време, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги повика сите институции на централно и локално ниво да го игнорираат и бојкотираат операционализирањето на овој неуставен и штетен закон.

Доколку одговорните во институциите се соочат со какви било проблеми или закани, ВМРО-ДПМНЕ и правната комисија им стојат на располагање за правна или било каква друга помош, изјави координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски.

Законот за двојазичност како што истакна Мицевски е донесен без поширок политички и општествен дијалог.

– Спротивно на препораките на правната фела и општата јавност власта го истурка законот за двојазичност кој ќе креира целосен паралелизам во сите државни институции, како на централно, така и на локално ниво. Овој закон ќе ги блокира институциите, кои наместо да си ја работат работата ќе треба да преведуваат и одржуваат двојни архиви, што ќе ја чини државата и граѓаните, време, место, човечки ресурси и пари, рече Мицевски.
Во моментов Владата нема конкретна сума за тоа колкави ќе бидат финансиските импликации од спроведувањето на Законот за употреба на јазиците. Минатата година за оваа намена биле издвоени 100 милиони денари, изјави портпаролот на Владата, Муамед Хоџа.

-По објавувањето на Законот за употреба на јазиците во „Служен весник“ сите институции се обврзани да создадат услови за практицирање на Законот во секојдневието. Секоја институција притоа треба да направи анализа на своите капацитети и зависно од таа анализа да ги преземе и чекорите со кои ќе се подобрат капацитетите и човечките ресурси во однос на остварување на Законот за јазици. Со Законот се предвидува и формирање на Инспекторат што ќе го мониторира исполнувањето на Законот од страна на сите институции. Во моментов немаме точна сума за финансиските импликации, односно колку тоа може да ја чини Македонија, но, во минатогодишниот Буџет беа обезбедени сто милиони денари за спроведување на овој Закон во пракса, рече Муамед Хоџа на новинарско прашање.

Запрашан како ќе се овозможи спроведување на овој Закон во општините и институциите каде нема вработено ниту еден Албанец, Хоџа посочи дека Законот важи за сите институции што постојат.

-За оние институции што не го практицираат јазикот согласно Законот за јазици што е во сила, се предвидуваат и казни, рече Хоџа.

Во член 7 од законот е уредена материјата за јазикот на пишување на називите на институциите. Имено, согласно овој член, називите на институциите ќе се напишат на македонски јазик и неговото кирилско писмо и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 отсто од граѓаните и неговото писмо, како и на англиски јазик.