За разлика од кошаркарската НБА лига, каде што буџетите на клубовите и платите на играчите се транспарентни, во Европа речиси сите тимови тој податок го прикриваат. Но, француските новинари сепак успеаја да дојдат до буџетот на кошаркарските евролигаши.
Францускиот кошаркарски магазин „Баскет“ направи детално истражување кога во прашање е буџетот на шеснаесетте клубови кои оваа сезона играат во Евролигата, а покрај евидентните трошења на големите гиганти – руска ЦСКА (М) и грчки Олимпијакос, сепак, на големо изненадување најмногу пари троши актуелниот шампион во Европа, екипата на Реал Мадрид.
Но, ако годишните примања на Серхио Љуљ и Руди Фернандез се помеѓу три и три ипол милиони евра, тогаш јасно е зошто Реал (М) троши толку многу. Тука се уште и поранешните НБА кошаркари, Густаво Ајон и Еди Таварес, кој чинат доста пари. Поради сите овие имиња, „мадриѓани“ оваа сезона имаат буџет од 42 милиони евра, со додаток на тоа дека на плата на кошаркарите и стручниот штаб отпаѓаат околу 31 милион евра.
На второто место на оваа листа се наоѓаат Барселона и ЦСКА (М) кои на располагање имаат секој по 36 мил. евра. На четвртото место се наоѓа моќниот турски тим Фенербахче, кој е предводен од најтрофејниот тренер Жељко Обрадовиќ, кој има буџет од 30 мил. евра.
На дното од оваа листа се наоѓа црногорскиот клуб Будуќност со буџет од 5.8 милиони евра, од кои околу 3.5 милиони се трошат на играчи и стручен штаб.
Доколку се се себере излегува дека просечниот буџет на клубовите изнесува околу 20.8 милиони евра, а просечната плата на играчи и тренери околу 12 мил. евра.