Дваесетина професионални возачи од септември заминуваат за Германија, ЈСП негира

367

Дваесетина возачи од први септември ќе го напуштат Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Според информации од возачи во ова претпријатие, тие веќе ги потпишале договорите за работа во Германија. Од ЈСП велат дека не сакаат да коментираат неофицијални информации и велат дека досега во Секторот за човечки ресурси не е поднесено ниту едно барање за раскинување на работниот ангажман од страна на возач. Но, од друга страна, признаваат дека до крајот на годинава ЈСП ќе го напуштат 24 возачи, но по основ на правото за пензионирање, додека на оглас веќе се примени 50-мина помлади возачи за плата од 21 илјада денари. За споредба, на Малта, возач во градски превоз добива плата од 1.300 евра, плус дополнителни  бенефиции

Дваесетина возачи од први септември ќе го напуштат Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“. Според информации од возачи во ова претпријатие, тие веќе ги потпишале договорите за работа во Германија.

Постојните возачи на ЈСП се загрижени дека со нивното заминување ќе се доведе во прашање нормалното функционирање на јавниот градски превоз. Според нив, младите возачи ги напуштаат работните места бидејќи покрај тоа што не се задоволни од платата, постојано биле терани да возат на различни линии, а и се незадоволни од сообраќајната култура низ градот, што им прави нервози и стресови.

Возач на ЈСП раскажува дека успеал да го убеди својот пријател кој возел на линијата „23“ кај приватен превозник, да премине во градското сообраќајно претпријатие, но кога почнал со работа во ЈСП, се соочил со тешкотии. Незадоволен што за еден и пол месец променил дури 15 различни линии, решил повторно да се врати назад на линијата „23“.

Од ЈСП не сакаат да коментираат неофицијални информации и велат дека досега во Секторот за човечки ресурси не е поднесено ниту едно барање за раскинување на работниот ангажман од страна на возач. Но, од друга страна, признаваат дека до крајот на годинава ЈСП ќе го напуштат 24 возачи, но по основ на правото за пензионирање.

– Инаку, во изминатиов период, во ЈСП, преку јавен оглас, примени се 50-мина помлади возачи на неопределено време. Со оглед на тоа дека на огласот имаше поголем број кандидати од бараниот број, преостанатите триесетина до 1 септември ќе бидат ангажирани преку Агенцијата за привремени вработувања – образложуваат од ЈСП.

Претпријатието го распиша овој оглас кон крајот на мај, а се однесуваше за помлади возачи во автобазите во Автокоманда и во Ѓорче Петров, за да се покрие одливот на овој кадар, а според него, со плата од 21.002 денари.

Со оглед на основната дејност на претпријатието, од ЈСП Скопје нагласуваат дека никогаш нема да се доведат во ситуација да има недостиг од носечки кадар, односно навремено размислуваат за ангажирање возачи во јавниот превоз.

– Се прави годишен план за вработување, кој се изготвува претходната година, каде што се утврдува потребата за нови вработувања врз основа на тоа колку вработени го напуштиле или ќе го напуштат претпријатието (во најголем процент поради остварување на правото на пензија), како и дали има зголемен обем на некои работи или не – објаснуваат од ЈСП. 

Општата состојба во државава, подобрите услови за работа во западноевропските земји, пред сè Шведска, Германија, Холандија, веројатно се дел од причините што сѐ поголем број професионални возачи заминуваат на привремена работа. Исто така и Малта, последниве неколку години, стана една од најпопуларните дестинации каде што работат голем број Македонци. Пред три години, имаше масовен одлив на возачи од ЈСП, кои заминаа да возат во јавниот градски превоз во оваа островска држава во Средоземното Море. Според огласот што беше распишан, се бараа помлади возачи од 24 години, со најмалку тригодишно искуство и месечна плата од околу 1.300 евра, со дополнителна исплата на прекувремена работа, како и со обезбедено сместување.

(А.П.)