Да Силва размислува за негово разрешување: Бразилскиот министер обвинет за сексуално вознемирување жени

36

Бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва размислува дали да го отпушти министерот за човекови права Силвио Алмеида по извештаите дека бил вмешан во сексуално вознемирување, изјави Лула во петокот на социјалните мрежи, пренесе Еј-Би-Си њуз.

„Никој што малтретира нема да остане во владата. Денеска ќе имам состаноци за да донесам одлука“, рече Лула, додавајќи дека федералната полиција, јавното обвинителство, главниот контролор и етичката комисија на Претседателството ќе ја спроведат истрагата, притоа гарантирајќи го правото на одбрана.

Локалните медиуми во четвртокот вечерта објавија дека Миту Бразил (MeToo Brasil), организација која ги брани жените жртви на сексуално насилство, добила поплаки за сексуално вознемирување од страна на Алмеида.

Организацијата го потврди ова во следното соопштение.

Бразилската влада побара од Силвио Алмеида „да даде појаснувања“ до генералниот контролор Винисиус Карваљо и јавниот обвинител Хорхе Меси, се вели во соопштението од претседателската палата.

„Федералната влада ја препознава сериозноста на обвинувањата и дејствува со строгост и брзина каква што заслужуваат ситуации на можно насилство врз жените“, се вели во соопштението на претседателството, без да се наведат никакви детали за наводите.