Во јули годинава, во текот на одржувањето на 50. јубилеен фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ во Прилеп, Управниот одбор на КЕЦ „Небрегово“ и Управниот одбор на ФНИП „Пеце Атанасовски“ усвоија и потпишаа декларација насловена „Зборот на Конески – гајдата на Пеце“ со која се обврзаа да ги чуваат и да ги продолжуваат македонскиот збор и македонското народно богатство, врежани во нашиот идентитет и континуитет и да ги едуцираат идните генерации

На културно-туристичкиот настан „Зборот на Конески – гајдата на Пеце“, кој се одржа на 7 септември, во спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, присуствуваа членови на УО на КЕЦ „Небрегово“, членови на УО на ФНИП „Пеце Атанасовски“, претставници од Општина Долнени, претставници од Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, членови на КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп и други гости, почитувачи на ликот и делото на Блаже Конески и на Пеце Атанасовски.

Во врска со оваа манифестација што треба да стане традиционална, секретарот на КЕЦ „Небрегово“, Атанас Конески, нагласи дека во нашиот културен код се врежани зборот, песната, музиката и орото, кои го претставуваат богатството на духовната култура на нашиот народ, со што се зачувува, негува и се пренесува македонското културно наследство.

Инаку, во јули годинава, во текот на одржувањето на 50. јубилеен фестивал на народни инструменти и песни „Пеце Атанасовски“ во Прилеп, Управниот одбор на КЕЦ „Небрегово“ и Управниот одбор на ФНИП „Пеце Атанасовски“ усвоија и потпишаа декларација насловена „Зборот на Конески – гајдата на Пеце“ со која се обврзаа да ги чуваат и да ги продолжуваат македонскиот збор и македонското народно богатство, врежани во нашиот идентитет и континуитет и да ги едуцираат идните генерации. Во декларацијата се наведува и дека манифестациите „Зборот на Конески“ и ФНИП „Пеце Атанасовски“ опстојуваат со своето изворно богатство, вградено во кодот на македонскиот народ, а звучните и поетските обележја што се одржуваат во Прилеп, Долнени и во Небрегово имаат трајни вредности, чинат единство на зборот, песната, свирката и на играта и претставуваат мотивација и инспирација за сите генерации.

За воспоставување заеднички нераскинлив континуитет на зборот и на гајдата, заедно ќе настапуваат првонаградената соло-гајда од Долнени и победничката песна од Небрегово на традиционалните манифестации на 6 јули, односно 7 септември секоја година, со што се ставаат на туристичката мапа КЕЦ „Небрегово“ и на ФНИП „Пеце Атанасовски“. Декларацијата ја потпишаа Живко Цветковски, претседател на КЕЦ „Небрегово“, и Горан Василески, претседател на ФНИП „Пеце Атанасовски“ .

На манифестација „Зборот на Конески – гајдата на Пеце“, на 7 септември, во согласност со потпишаната декларација, беше прочитана победничката песна од Марија Симоноска, посветена на Конески и настапи соло-гајдаџијата од ФНИП од Доленини – Стојанче Давиткоски.

Потоа, пред домот, беше изведен сплет ора од подмладокот на КУД „Мирче Ацев“ од Прилеп. На присутните им беше подарен приврзок за клучеви со ликот и куќата на Конески, а на претставникот од Универзитетот за туризам и менаџмент, Љупчо Миленковски, му беше подарена плакета со песната „Зборот“ од Конески.

Притоа, претставничката од Заводот и музеј Прилеп, Лилјана Неделкоска, предложи, а тоа и се прифати, да се дополни декларацијата „Зборот на Конески – гајдата на Пеце“ со нова точка „Велотура за култура“. Таа ќе го вклучи клубот на велосипедисти од Прилеп, кои треба да тргнат од пред спомениците на Конески и на Пеце во Прилеп, на 7 септември, да ја посетат Спомен-куќата на Пеце Атанасовски во Долнени и да пристигнат во Спомен-домот „Блаже Конески“ во Небрегово, на централната културно-туристичка манифестација.

Како дополнување на декларацијата, беше предложено од претставничката од Општина Долнени, Ајша Муаремоска, оваа манифестација да биде централен настан во Општина Долнени, кој ќе се одржува на 7 септември, при што ќе се одржува отворен час за ликот и делото на Блаже Конески.

По завршувањето на културно-туристичката манифестација, гостите го посетија и го разгледаа Музејот за тутун, единствен од ваков вид на Балканот, од што беа воодушевени.