„ДА СЕ ЛИКВИДИРА КАКО ТЕРОРИСТ“: Медведев предвидува што би се случувало по хипотетичка капитулација на Киев

737

По капитулацијата на Киев, претседателот на Украина, Владимир Зеленски, би требало да биде уапсен, а потоа да му се суди или да биде ликвидиран како терорист, изјави денеска за ТАСС заменик-претседателот на Советот за безбедност, Дмитриј Медведев.

Имено, тој истакнува дека Вoлодимир Зеленски, како лидер на непријателски режим, е легитимна воена цел за Русија, без разлика на прашањето за неговиот легитимитет по откажувањето на изборите, бидејќи тој веќе е на чело на политички режим што води војна против Русија.

– По капитулацијата на Украина, не сме рамнодушни кон судбината на Владимир Зеленски. Тој мора да биде уапсен и суден за злосторства против руски и украински граѓани. Доколку е невозможно да се екстрадира таков криминалец, треба да се применат правилата што се применуваат за терористите. Токму таква судбина го снајде духовниот учител на Зеленски, Степан Бандера – рече Медведев.

Како што нагласи, Зеленски веќе е воен злосторник за Русија, а губењето на неговиот службен статус не менува ништо.

Тој додаде дека Зеленски, по откажувањето на изборите, практично ја узурпирал власта во Украина и дека тој и неговата околина се плашат од одржување на изборите.

– Зеленски би ризикувал многу доколку се согласи на избори. Човекот кој себеси се нарекува претседател на поранешна Украина е патолошки лажго и кукавица кој е ноќна мора за околината и кој се плаши од избори. Ако се одржат изборите, тоа би било преголем „влог“ за Зеленски и неговиот тим. Неговите противници – поранешниот претседател на Украина, Петро Порошенко, или поранешниот украински врховен командант, Валериј Залужни, доколку би се кандидирале, би имале премногу „адути во рацете“ – истакнува тој.

Медведев забележува дека Зеленски „плука по уставот на својата земја, го игнорираше Уставниот суд и дури не отиде ниту на продолжување, туку на узурпација на врховната власт, како и дека сите овие манипулации со законите значат само едно – смрт на пропаднатата држава Украина“.

Дополнително, како што додава, украинскиот претседател се криел зад нејасната декларација на Врховната Рада за укинување на претседателските избори во време на војна.

– Зеленски и неговата придружба проневерија огромна сума, која беше испратена за да се спаси Украина која умира – изјави Медведев.

Најдобра гаранција за Русија се „искандери“, „циркони“ и „ками“
Медведев оцени дека најдобри гаранции за Русија се „цирконите“, „искандерите“, „камите“ и другото високо ефективно руско оружје, заедно со херојските и способни вооружени сили на Русија, бидејќи Москва не може да се потпре на потенцијалниот мировен договор со Украина, или на Западните гаранции.

– Дури и да се постигне некаков компромисен договор, нема да имаме целосна доверба во неговото спроведување – објасни Медведев.