Да не се боиме, прво да се преброиме

71

Пред да почнат да се менуваат називи и да се бара употреба на албанскиот јазик, треба да се докаже дека тие сочинуваат 20% од населението, пишува професорката Мирјана Најчевска по објавувањето на законот за јазици во “Службен весник” со што се официјализираше важноста на Законот за употребата на јазиците.

“Процедурата за донесување на Законот е соодветна, што воопшто не го прави помалку несоодветен самиот закон. И ете – законот е изгласан. И во него стои определбата: “јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните”. Во моментот кога во закон ќе бидат ставени бројки, тие мора и да се почитуваат. За да се почитуваат мора да се знае точно дали е навистина достигнат бараниот процент. За да се знае дали е навистина достигнат бараниот процент мора да се знае колкаво е точно населението во Република Македонија и дали има етничка/јазична заедница која го исполнува бараниот услов.” пишува Најчевска на нејзиниот фејсбук-профил.

Најческа потсетува дека ова не може да се базира на претпоставки (бидејќи е суштински елемент на Законот) туку мора да се измери. Професорката додава дека со оглед на тоа дека во Македонија не е направен попис од 2002 година, во моментов нема релевантни податоци за тоа дали некоја од јазичните малцински заедници го исполнува условот предвиден во Законот.

Но, сведоци сме дека законот за јазици е во сила и без пописот на кој инсистираат експертите, па дури и пред неговото објавување во “Службен весник”. Веднаш по неговото изгласување минатата година, експресно беа поставени нови табли и патокази по улиците и патиштата, дел од називите на институците беа дополнети со и со албански превод, а во болниците униформите на медицинските лица беа променети со амблеми на албански јазик.
Според првичните најави, пребројувањето кое треба да се случи в година ќе донесе новини кои беа нејасни за експертската, но и за целокупната јавност.

Можен ли е попис без етничка графа и без графа за јазик што се зборува во домаќинството, како што првично беше најавено?

За првиот човек на Државниот завод за статистика Атанас Симовски смета дека подобро е да нема никакви информации за етничката припадност на населението, отколку да се дадат неточни информации и погрешна слика за етникумите.

Дел од медиумите деновиве пренесуваат дека под притисок од јавноста, но и од политичките партии, прашањето за етничката и верска припадност сепак ќе останат во графата при спроведувањето на пописот на населението.

Повикувајќи се на извори од Државниот завод за статистика, порталите пренесуваат дека во однос на податоците за јазикот ќе бидат поставувани две прашања: кој е вашиот мајчин јазик и кој јазик се говори во домаќинството.
Според истите информации, најновите предлози го вратиле предлогот на доработување, што би го одложил пописот за неколку месеци, односно, истиот би се одржал во лето.

Законот за употреба на јазиците минатата година два пати беше изгласан во Собранието, на 11 јануари и на 14 март , но претседателот на државата Ѓорге Иванов одби да го потпише, со образложение дека е противуставен, па неговото објавување во “Службен весник”  деновиве се случи само со потпис од претседателот на Собранието, Талат Џафери.

Со законот се предвидува во сите органи на државната власт во Република Македонија, централни институции, јавни претпријатија, агенции, дирекции, установи и организации, комисии, правни лица кои вршат јавни овластувања согласно закон и други институции, службен јазик покрај македонскиот јазик и неговото писмо да биде и јазикот што го зборуваат 20 проценти од граѓаните на Република Македонија и неговото писмо.