Македонија да биде на врвот, а не на дното и да го зголемиме извозот на производи, а не на луѓе, му порачаа бизнисмените на премиерот Христијан Мицкоски на одбележувањето на 102. годишнина од постоењето на Стопанската комора. На настанот беа доделени награди на бизнисмени во различни категории, а беа наградени Илија Гечев, сопственик на „ИГМ Трејд“ – Кавадарци, Петар Спасески од АСП – ПАК од Охрид, ЕВН Македонија, УСАИД, а награда доби и премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателот на Комората, Бранко Азески, побара од Владата чесност во намерите за соработка и партнерство и исполнување на она што е ветено, транспарентност во работата, борба против митото и корупцијата, градење систем на институции и стимулирање на бизнисот.
– Ние сме професионална институција, која ја интересира единствено добар и поволен деловен амбиент, фирмите да остварат профит и да отвораат нови работни места. Тоа е консензусот за кој се залагаме години наназад, додека еден ден во септември 2022 година претседателот Мицкоски не дојде тука со голема делегација, нè поддржа јавно, пред медиумите, и го потпиша првиот документ на нашата декларација од 100-годишнината, со кој се инсистираше, конечно, да се направи во оваа држава голем договор за давање приоритет на економијата во наредните 10 години. Со тоа, полека политичните прашања да се тргаат настрана и да заземеме курс што е единствено можен, а тоа е да ги подигнеме личните примања и стандардот на граѓаните и на тој начин да се вклопиме таму каде што припаѓаме – во европското семејство – изјави Азески.
Премиерот Христијан Мицкоски, кој доби награда од Комората за градење партнерство и заедничко дејствување за просперитетна Македонија, вети дека бизнисот им ќе биде сериозен партнер на Владата и на државата.
– За мене, ова е голема чест, но и одговорност. Изминативе први 30 дена, го оставаме срцето на терен за да направиме нешто. Настапуваме патриотски, тоа што е интерес за граѓаните е и наш интерес, работиме посветено, не се штедиме. Имаме намера да бидеме ваш партнер и да помагаме. Сакам да ве уверам во тоа. Чуда се невозможни, но тоа што може, ќе го направиме во рамките на Уставот и на законите. Наш интерес е домашната економија да се развива – потенцира Мицкоски и ги повика компаниите да аплицираат за 250. милиони евра, обезбедени од Унгарија.
Освен за овие 250 милиони евра, кој бизнисот може да ги има за неколку недели, на располагање на компаниите ќе им бидат дополнителни 100 милиони евра, преку Европската инвестициона банка, за кои, како што рече премиерот, Владата ќе ја плати камата. Со тоа, компаниите ќе имаат на располагање вкупно 350 милиони евра. За кратко време, вети дека во македонската економија ќе влезат повеќе од една милијарда евра.
– Овој економски тим, на чело со премиерот, треба да ја повлече економијата напред, бидејќи немаме повеќе шанси. Изминативе години, имавме многу проблеми и се вртевме во круг. Каде и да погледнеме, секаде сме последни. Не сакаме да играме во шеста лига, сакаме во прва, да одиме напред. Треба да плаќаме даноци, да ја спречиме сивата економија, бидејќи ако не го полниме буџетот, нема перспектива. Со Владата сакаме да ја направиме најголемата инвестиција, а потенцијал имаме – истакна сопственикот на ИГМ – Кавадарци, Илија Гечев.
Бизнисменот Петар Спасески од АСП – ПАК од Охрид рече дека треба да ги мотивираме малите и средните претпријатија да бидат рбетот на економијата.
– Со извозот на луѓе сме на прво место во регионот, а со производи нè нема никаде. Малите и средните претпријатија што се извозно ориентирани, треба да бидат фокус на македонската економија. Треба да ги мотивираме да го зголемат извозот. Македонија има 200 милијарди евра извоз и една милијарда увоз на земјоделски производи. Се прашуваме како ќе се прехраниме, како ќе опстанеме – изјави Спасески.
Премиерот Мицкоски, кој ги ислуша барањата и сугестиите на компаниите, рече дека транспарентноста и отчетноста ќе ѝ бидат приоритет на Владата и наскоро, како што рече, преку интернет-страница, граѓаните ќе може да гледаат како и за што се трошат парите и на национално и на локално ниво.
Тој информираше дека кинеската компанија „Синохидро“, која го гради автопатот од Кичево до Охрид, ќе ја повлече арбитражата пред Меѓународниот суд во Париз, со што беше оптужено Јавното претпријатие за државни патишта. На овој начин, како што рече, се заштедени над 50 милиони евра.
(А.С.)
Фото: П.Стојановски