Дачиќ: Вонредни избори ќе има ако нема поважни државни интереси

56

Српскиот министер за надворешни работи и лидер на владината коалициска Социјалистичка партија на Србија (СПС), Ивица Дачиќ изјави денеска дека вонредни парламентарни избори во Србија ќе се одржат доколку нема позначајни државни интереси, како што се укинувањето на таксите и дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Дачиќ со ова ја објасни вчерашната изјава на српскиот претседател Александар Вучиќ дека „ако нема дијалог, не постојат пречки да се оди на избори“.

– Ако постојат државни интереси поважни од ова (изборите), тогаш овие избори нема да се одржат, тоа го кажува Вучиќ. Но ако нема укинување на такси, продолжување на дијалогот, тогаш се отвора простор за избори, изјави Дачиќ за РТС.

Тој додаде дека „Европската унија живее во утопија“ дека до средината на годината ќе се постигне договор меѓу Белград и Приштина.

Шефот на српската дипломатија толкувајќи ги разговорите меѓу Русија и ЕУ за косовското прашање истакна дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров побарал одговор од претставничката на ЕУ Федерика Могерини за текот на дијалогот меѓу Белград и Приштина, а таа потврдила дека кога ќе се постигне договор, истиот ќе мора да го ратификува Советот на безбедност на ООН.

– Тоа е индикација дека Русија го следи она што се случува и сигурно нема да биде нем набљудувач, мислам дека тоа е добро за нас, нагласи Дачиќ, додавајќи дека „би било одлично Русија така да се однесуваше во 90-те години“.

Според него, доколку се постигне некаков договор, „тоа ќе се претвори во принципи што сите ќе ги прифатат и почитуваат, и тоа не може да биде поинаку“.

Дачиќ рече дека Путин на Србија и дал целосна поддршка во дијалогот со Приштина и дека немало ништо на затворените состаноци што не било кажано на отворените состаноци за време на посетата на Путин во Србија.

– Србија нема отворени прашања со Руската Федерација, нема непријатни состаноци … Путин уште еднаш потврди дека ќе го поддржи сето она што е добро за Србија, сé што Србија мисли дека е добро, но ќе остане цврсто во осудувањето на едностраните акти на Косово, изјави Дачиќ.