Дачиќ бара објаснување од Македонија: Скандалозно е бегството на Рамадани

37

Српскиот министер за внатрешни работи, Ивица Дачиќ, побара објаснување од македонските власти за бегството на поранешниот припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК), Блерим Рамадани, од домашен притвор, истакнувајќи дека неговото бегство е скандалозно, бидејќи, како што нагласи, станува збор за лице што извршило злосторства врз Србите во Косово.

– Станува збор за припадник на терористичката ОВК, кој извршил злосторства врз Србите во Косово и кого Србија го бара со потерница, со цел да го изведе пред суд. Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој што е уапсен по наша, меѓународно важечка потерница, да побегне од домашен притвор. Или за албанските терористи и воени злосторници не важи меѓународната правда, кога убиваат Срби, сè им е дозволено и простено – рече Дачиќ.

Српскиот министер Дачиќ, во текот на посетата на граничниот премин Табановце на 25 јули, побара од нашите надлежни органи да ѝ го екстрадираат Рамадани на Србија. Прашањето за неговата екстрадиција беше отворено и при посетата на министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, на Скопје, на 31 јули. Свечља рече дека Скопје треба да одлучува самостојно, обвинувајќи ја Србија дека има тенденција да ги расипува односите меѓу државите од Западен Балкан. Рамадани, според косовските медиуми, е третиот државјанин на Косово, како поранешен војник на ОВК, уапсен во Македонија врз основа на српска потерница. Гафур Дуголи и Томор Морина беа уапсени во минатото, но беа ослободени со судска одлука.

Македонскиот премиер, Христијан Мицковски, на новинарско прашање дали стапил во контакт со српските власти за случајот со Рамадани, како што побарале вчера, изјави дека не поднесува објаснување пред никого.

– Ве молам, да не дозволиме нашите соседи да покажуваат мускули кај нас. Инаку, јас не поднесувам објаснување пред никого. Можеби, еден ден, пред еден што никој не го гледа – изјави Мицкоски.