Инфлуенсерот Дарко Петковски, кој на јавноста и е познат и како Спејко, стана  директор на кошаркарскиот клуб Куманово. Тој освен што има многубројни фанови поради модните инфлуенсерки ангажмани, се прослави и со победата во „Велики Брат“, а неодамна беше учесник и во „Задруга 3“. Но, пред 20 години ги направил првите чекори во кошарката токму во младинската школа на кошаркарскиот клуб Куманово. Спејко за весникот ВЕЧЕР ни откри дали по новата работна професија ќе продолжи по старите стапки или сосема ќе започне едно ново поглавје во неговиот живот.

Членска карта на Дарко во КК „Куманово“ кога бил дете и кога прв пат стапнал во овој клуб / Фото: Приватна архива

– Без воздржување ќе кажам дека ми е чест и задоволство како спортски директор на клубот да го дадам најдоброто од мене, а знам дека мојот придонес ќе се цени и ќе помогне да ги оствариме тимските цели. Ќе поминувам доста време во клубските простории или на теренот со играчите, но сепак мојата нова функција се надополнува со неколкугодишното влијание преку социјалните мрежи, заедничко е тоа што повторно на социјалните мрежи ќе го промовирам спортскиот начин на живот. Исто така соработките со неколку брендови веќе ги обновив. Пред камерите овој пат само за изјави поврзани со спортот, камерите на риалити шоуата ги исклучувам и да, сè уште сум слаб на манекенки, ни отрки Дарко.

Дарко Петковски

Но, потоа му упати и благодарност до претседателот на КК Куманово, Александар Крстевски Крсто и Управниот одбор, бидејќи имале доверба во него и го назначиле на оваа позиција. За градот Куманово рече дека е град со долга спортска традиција, а овој клуб е синоним за врвни достигнувања и на домашна и меѓународна сцена. А, заедно со тренерот Владимир Мирковски ја разбраниле македонската спортска јавност и симпатизерите на кошарката со потпишување на поранешен НБА играч од редовите на Мемфис Гризлис, Џош Селби.

(М.А)