Дарио Ивановски со нов државен рекорд на 10 километри на гевгелискиот атлетски маратон

167

Во Гевгелија денеска се одржа првиот атлетски маратон „Ноемвриска трка 2021“ која мина во одлична организација од страна на АК „7-Ми Ноември“. Маратонската трка е со тенденција да прерасне во традиционална препознатлива трка како една од најатрактивните македонски спортски манифестации се одржаа три трки.

На 10 километри, трка која се бодуваше за државното првенство, учествуваа 389 натпреварувачи. Во машка конкуренција победи еден од најдобрите македонски атлетичари Дарио Ивановски, кој постави нов државен рекорд, втор беше Димитар Петровски а третото место му припадна на Тиран Мамуши од Косово. Во женска конкуренција најбрза беше Андријана Поп Арсова, втора Биљана Кираџиевска, а трета Миљанка Ристиќ.

На рекреативната трка  на 5 километри на која учествуваат вкупно 250 натпреварувачи во машка и во женска конкуренција, кај мажите првите три места ги освоија Стојче Петровски, Атанас Епов и Мики Попоски, додека кај жените најбрзи беа Весна Кираџиева, Анастасија Ристова и Тамара Попов.

Се одржа, за прв пат и трка на домашни миленичиња. Одличната атмосфера, карактеристичните најави на Виктор Петков Викса, прекрасното време и настапите на групата „Chill Out“ и Пере од „Нокаут“ придонесоа Гевгелија вчера да биде центарот на уличното трчање во Македонија.

Рекреативен настан „Гевгелија на точак“ се одржа по улиците на Гевгелија во саботата во организација на Здружението Changemakers4all. Огромниот број на учесници, над 300, уште еднаш докажаа дека жителите на Гевгелија се лидери во користење на точакот како превозно средство не само во југоистокот, туку и во Македонија.

Треба да се напомни дека со вакви манифестации се упатува јасна порака до сите граѓани, да заборават по малку на своите автомобили и што повеќе да го користат велосипедот како превозно средство. – Помалку возила, а повеќе велосипеди, велат организаторите, значи помалку загадена, позелена и поубава Гевгелија“. Стартот на трката беше на истото место каде во 60-тите години се одржувале велосипедски трки, пред зградата на старото Собрание.

На парадното возење низ улиците на градот учествуваа мајки и татковци со мали деца, тинејџери и тинејџерки, повозрасни сограѓани и сограѓанки, а најголем интерес предизвика малата Данче Крколева која со својот розов велосипед и својот татко Ване Крколев со велосипеди пристигнаа од Богданци за да учествуваат на оваа убава манифестација.

(Љ.А.)