Уметникот Дан Пержовски донираше две дела, првото цртеж на столб насловено „Скопски столб“, а второто е компилација од 15 броеви на уметничките публикации Newspaper/Artzine, додека уметницата Лиа Пержовски ја донираше инсталацијата под наслов „Сет за преживување (за преживување во денешниот свет)“

Светски реномираните уметници Дан и Лиа Пержовски, кои ги исцртуваат ѕидовите на МоМА Њујорк, Тејт Модерн во Лондон, Центарот Помпиду-Бобур во Париз, ВанАбе Музејот во Ајндховен и чија самостојна изложба во моментов може да се погледне во Музејот на современата уметност во Скопје, донираа три свои дела на музејот.

„Скопски столб“

Уметникот Дан Пержовски донираше две дела за колекцијата на МСУ, и тоа првото site-specific цртеж на столб насловено „Скопски столб“, создаден во согласност со просторот на музејот, а второто е компилација од 15 броеви на Newspaper/Artzine, серија на уметнички публикации (објавени помеѓу 2009-2022).

„Сет за преживување“

Уметницата, пак, Лиа Пержовски ја донираше инсталацијата под наслов „Сет за преживување (за преживување во денешниот свет)“, 2024. Оваа инсталација се фокусира на стратегиите за преживување во денешниот свет, истражувајќи различни аспекти на социјалните, политичките и културните предизвици.

Донираните дела од Дан и Лиа Пержовски ќе го збогатат музејскиот фонд и ќе понудат уникатен поглед на современата уметност.

Инаку, самостојната изложба на уметничкиот пар во МСУ за љубителите на уметноста ќе биде отворена до средината на ноември.

Дан Пержовски, чие изразно средство е цртежот во МСУ, се претставува со проектот „Обновени вести“ (ReNews), фокусиран на актуелните општествени и политички настани преку оригинална визуелна перспектива. Замислен како динамична и еволутивна визуелна хроника, која реагира на тековните настани и промените во светот. Уметникот користи различни медиуми, често комбинирајќи графики, текстови и илустрации за да создаде креативен и критички поглед на актуелните случувања. Овој проект вклучува и компоненти како што се стрипови, колажи и слики, кои на интензивен начин ја истражуваат и визуализираат комплексноста на современата политика и општество. Дан Пержовски се фокусира на тоа како медиумите и информациите влијаат на нашето разбирање на светот, и „Обновени вести“ е негов обид да ги истражи и предизвика традиционалните наративи и начин на известување. Со тоа, ги поттикнува гледачите да размислуваат за информираноста, пропагандата и моќта на медиумите. Дел од неговата изложба е и интерактивна. На поставката има ѕид, каде што посетителите можат да цртаат или да напишат нешто доколку имаат што да кажат. Инаку, Дан Пержовски е познат по своите минималистички, брзи цртежи, кои често се исполнети со иронија, хумор и политички коментари. Користи различни форми на цртање – од ѕидни инсталации, уметнички книги, до активистички цртежи – за да ја критикува и анализира современата реалност.

Лиа Пержовски – истражувачка, уредничка и концептуална уметница во МСУ се претставува со проектот „Сет за преживување (избор од Музејот на знаењето)“ – (Survival Kit (a selection from Knowledge Museum)) во кој истражува концепти поврзани со знаењето, образованието и социјалните структури, преку серија интерактивни и концептуални дела. Сет за преживување е интердисциплинарен проект кој вклучува различни медиуми и формати, како: графики, објекти и документи. Оваа селекција е изработена како обид да се создаде едукативен ресурс, кој преку визуелната уметност го истражува и предизвикува размислување за историјата, културата и секојдневниот живот. Проектот вклучува и различни интерактивни компоненти, кои ги поттикнуваат гледачите да се вклучат и да размислуваат на поинаков начин, користејќи ги визуелните елементи за да создадат нови перспективи и критичко размислување.

Дан и Лиа Пержовски учествуваа и на групната изложба „Лаф муабет“ (Small Тalk) организирана во МСУ во 2001 година.

Фото: Томислав Георгиев, и архива на МСУ

ИЗДВОЕНИ