Данска ќе гради нови вештачки острови за да привлече компании

61

Данска планира да изгради девет вештачки острови јужно од Копенхаген со цел да привлече нови бизниси и да се справи со недостигот од деловен и станбен простор, објави тамошната влада.

„Нашата примарна цел се високотехнолошки компании, но секогаш има потреба и од производство на продукти кои ни требаат во секојдневниот живот“, изјави министерот за индустрија и бизнис Расмус Јарлов.

Градежните работи треба да почнат во 2022 година и островите ќе се простираат на површина од три милиони квадратни метри. Засега не се познати финансиските детали за проектот, што треба да биде заокружен до 2040 година, а првите парцели ќе почнат да се продаваат во 2028.

Целта е да се привлечат околу 380 компании во оваа област, која е лоцирана во близина на аеродромот во Копенхаген.

„Мислам дека ова би можело да стане еден вид европска Силициумска Долина“, додаде Јарлов.