Поп-рок пејачката Дани Димитровска освен што се занимава со пеење, нејзината втора пасија отсекогаш биле филмовите. Па дури и некоја мала улога во нив го топлат нејзиното срце, но секако тука е и нејзиното синче Лазар, со кое се неразделни.
– Отсекогаш сакав филм. Отсекогаш сакав кино. Од времето на моето детство со татко ми за раче, пешки до кино „Култура“ на цртаниот „Бамби“. Се воодушевував на џиновското платно и бев уверена дека со еден скок во тоа платно ќе влезам во шумата на Бамби… Само тогаш не плачев при чешлањето и врзувањето на косата во кики и само тогаш не ми беше важна шеќерната волна од парк, која следуваше секогаш после кино, напиша Димитровска.
– Во оваа денешна зрелост, филмот е сè уште возбуда. Посебно се радувам на македонски филмови. А кога сум дел од нив, па макар со мал удел на среќата ѝ нема крај. После „Панкот не е мртов” ова ми е второ филмско искуство. Фала од срце на доверителите. „Хомо” е скопски филм за нашата генерација и времето во кое живееме. „Хомо” е филм што се случува овде и сега и е приказ на нашето општество во кое се доведени во прашање примарните човечки вредности, додава Дани.
„Срца две“, „Најдобра до сега“, „Што до тогаш“, „Не живеам за другите“ се дел од нејзините безвременски хитови кои ни ги разубавуваат и овие темни денови. Таа беше и првата македонска пејачка која стигна да се запише на МТВ Адриа Топ 20 листата со песната „Срца две“. А, занимамација во овие монотони денови наоѓа и во цртање на камчиња и боење на саксии или како што самата вели „Нека новото искуство се вика безбрижност… за промена“. (М.А.)