Данела Арсовска утре го презема кормилото на Град Скопје

1224

Која е професионално и приватно првата жена градоначалник на македонската метропола. Со својата визија и план за развој на Скопје и смиреноста во настапите, но и со стилот на облекување, таа го освои мнозинството скопјани кои на Локалните избори 2021 г. го дадоа гласот за жена да го води градот кој се соочува со мноштво проблеми што треба да се решат за да стане функционална европска метропола. Домашните, но и медиумите во регионот ја нарекоа проевропска политичарка, а тоа се потврдува и со нејзината импозантна биографија

Данела Арсовска утре официјално седнува во градоначалничката фотеља на Град Скопје со што станува прва жена која ќе го раководи главниот град од осамостојувањето на државава. Сепак, од прогласувањето на македонската државност таа ќе биде втората жена, по Вера Ацева која во 1948 била градоначалник на Град Скопје, која ќе го управува кормилото на престолнината и како што ветуваше пред локалните избори, тоа ќе го прави успешно во наредниот 4-годишен мандат.

Со својата визија и план за развој на Скопје и смиреноста во настапите, но и со стилот на облекување, таа го освои мнозинството скопјани кои на Локалните избори 2021 го дадоа гласот за жена да го води градот кој се соочува со мноштво проблеми што треба да се решат за да стане функционална европска метропола. Домашните, но и медиумите во регионот ја нарекоа проевропска политичарка, а тоа се потврдува и со нејзината импозантна биографија.

Данела Арсовска – професионално

Пред да стане градоначалник на Град Скопје, Данела Арсовска менаџираше со Сојузот на стопански комори од 2014 година до сега. ССК, пак, е дел од една Светската федерација на стопански комори со повеќе од 12.700 членови и е една од четирите жени носители на таа функција во светот.

Таа е дел од меѓународната мрежа на експерти во Г20 каде работи на креирањето на политиките за интегритет и усогласување на регулативата на најсилните економии во светот и е една од основачите на Македонската асоцијација на жени претприемачи. Пред две години Арсовска беше избрана за член во Бордот на Глобалниот комитет на жени лидери предводен од Свати Мандела, внуката на Нелсон Мандела. Во овој комитет членуваат Колинда Грабар Китаровиќ – поранешната претседателка на Хрватска, Аменах Гуриб Фахим – поранешната претседателка на Маурициус, како и Мари Кристин Огли – претседателката на Светската асоцијација на жени претприемачи.

За досегашната работа е добитник на награда од Светскиот форум на бизнис-ангели, како најдобар пример кај жените во деловниот свет во Југоисточна Европа.

Во 2017 година беше назначена за членка на судот за помирување и арбитража на ОБСЕ во Женева, Швајцарија, а исто така е и член на судот на постојаниот арбитражен суд во Хаг, Холандија од 2017 година.

Во 2020 година, со согласност на Владата, Данела Арсовска стана почесен конзул на Унгарија со седиште во Штип за да се зголеми соработката меѓу двете земји на економско ниво посебно во делот на источна Македонија.

Во 2019 година ја покренува иницијативата за учество на жените во климатска акција каде директно се преземаат мерки во институциите и приватниот сектор за намалување на загадувањето. Член е на Гриновет проектот каде се вклучени четири држави за развој на образованието, за екологија со цел да се обезбедат услови за континуирано спроведување на зелена, инклузивна и одржлива економија. Член е и на партнерската кампања на Обединетите нации за Деловен климатски хаб каде што во 78 земји малите и средните претпријатија почнаа активно намалување на емисиите на стакленички гасови и справување со климатските промени.

Данела Арсовска – приватно

Од нејзините настапи за време на кампањата и на телевизиските дуели и интервјуа, таа изгледаше смирено, опуштено и како што самата кажа, бидејќи верувала во победата. Најголема поддршка, мотивација и инспирација за сè што прави и се синот и сопругот.

Родена е 1979 година во Скопје. По професија е правник. Дипломирала на Правниот факултет во Скопје. Има и магистратура по економија и извршно образование од Универзитетот во Оксфорд и Универзитетот во Шефилд.

Зборува англиски, германски, бугарски и српски јазик.

Модните стилисти ја оценуваат како политичарка која знае како да се облече. Најчесто е облечена во сако и панталони и тоа успешно го комбинира, а костимите и се со минималистички детали прилагодени на нејзиниот сензибилитет со што нејзината појава е вистинско освежување на политичката сцена.

Националниот совет за родова еднаквост на Македонија ја поздравија одлуката на мнозинството граѓани на Скопје да го дадат гласот за Арсовска со што покажаа родова сензитивност и прогресивност и што конечно Скопје доби жена градоначалничка.

Освен Данела Арсовска, на Локалните избори 2021 победа однесе уште една  жена, тоа е Жаклина Јовановска која ќе ја раководи општината Старо Нагоричане во втор мандат. Инаку, најмногу жени на градоначалничката функција имаше на Локалните избори во 2017 – вкупно шест.

(С.Бл.)