„Данас“: Метју Палмер ја повика српската опозиција да учествува на изборите; Ѓилас демантира

199

На средбата на американскиот заменик помошник државен секретар Метју Палмер со опозициските лидери во Белград пред два дена, тој ја повикал српската опозиција да учествува на следните парламентарни избори, пренесувајќи им ја пораката од Вашингтон дека САД не се согласуваат со бојкот на избори, објави опозицискиот весник „Данас“, повикувајќи се на неименувани дипломатски извори.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, медиумите во Србија веќе почнаа да ја анализираат оваа „порака на САД“, особено по вчерашниот став на опозицијата во Собранието со кој „најавија дека ќе продолжат со бојкот на Парламентот и протестите се додека не добијат гаранции дека ќе се нормализира собраниската работа, не се ослободат медиумите и не се спроведат фер избори“, но набрзо се огласи лидерот на опозициската Партија на слободата и правдата (ССП), Драган Ѓилас, кој демантираше дека Палмер барал опозицијата да учество на изборите.

– Информацијата за средбата со Метју Палмер објавена во “Данас”, е подеднакво точна како онаа што ја објави „Информер“ за истиот состанок. Метју Палмер не побара од опозицијата да учествува на изборите, а јас не ги разбирам причините за објавување на таква дезинформација, изјави Ѓилас.

Тој наведе дека сите учесници на состанокот во Белград, ги повториле своите ставови во врска со ситуацијата во Србија, насилството кое се врши од страна на властите во сите сфери на општеството и ставот за Косово, со што „бил изнесен апсолутно единствен став, дека во согласност со „Договорот со народот“, нема да се учествува на изборите под вакви услови.“

– Немаше никакви барања од нашите соговорници за учество на изборите, изјави Ѓилас.

На средбата со американскиот претставник на 11 јуни, присуствуваа лидерите на ССП, Ѓилас, на Демократската партија (ДС), Зоран Лутовац, на Народната партија (НС), Вук Јеремиќ, на Двери, Бошко Обрадовиќ и на Движењето на слободни граѓани (ПСГ), Сергеј Трифуновиќ.

Во понеделникот, на 10 јуни, Палмер имаше средби со српските владини претставници – претседателот Александар Вучиќ и премиерката Ана Брнабиќ.