Дамева се врати во претседателската фотелја во Судски Совет

54

Весна Дамева се враќа на претседателската функција на Судскиот совет откако вчера на итна седница на Советот актуелниот претседател Сашко Георгиев по сопствено барање поднесе оставка. Со тоа се спроведе одлуката на Управниот суд кој го поништи разрешувањето на поранешната претседателка на Советот Дамева.

Според образложението на Управен суд кој јавноста го доби во време кога членовите на Судскиот совет на работен колегиум за пресудата расправаа речиси три часа, по што за 15 часот ја закажаа итната седница на која на дневен ред беа точките за разрешување на Георгиев и спроведување на одлуката на Управен. До затворање на весникот, седницата сеуште не беше завршена.

Според пресудата која Управниот суд ја објави на својата официјална веб-страница, „тужбата на тужителот В.Д. (Весна Дамева н.з.) од Скопје се уважува. Одлуката бр.02-934/1 од 04.05.2023 година, на С. с. (Судскиот совет) на Република С.М., се поништува“. Пресудата е донесена на 14 декември, минатата година од судечки совет со кој претседавал судијата Ељмедине Асани, а членови биле судиите Виолета Богојеска и Имсале Хасани.

Управен констатира дека членовите на Судскиот совет во април минатата година донеле необразложена и незаконита, односно одлука нејасна, без докази и утврдени факти за разрешување на Дамева од функцијата претседателската функција.

„Во конкретниот случај, Судот најде дека образложението на оспорената Одлука е нејасно, односно тужениот орган во истата не дал никакви образложени причини поради кои го разрешува од функција сега тужителот, не ги навел доказите врз основа на кои е утврдена фактичката состојба, посебно ниту утврдените факти, кои согласно утврдената фактичка состојба упатуваат на донесување на онаква Одлука како што е дадена во диспозитивот на истата“, се вели во пресудата.

Во образложението на Одлуката,  тужениот орган односно Судскиот совет, само навел дека со мнозинство гласови на членовите со право на глас била изгласана недоверба на Дамева. Судскиот совет не ги навел ниту законските одредби по кои била спроведена постапката која претходела на разрешувањето.

„Во истото (образложение) не се наведени ниту причините поради кои барањата, предлозите и тврдењата од сега тужителот не биле земени во предвид, ниту се наведени законски одредби, по кои била спроведена постапката која претходела на донесувањето на оспорената Одлука, со оглед на тоа дека истиот само се повикува на член 38 од Законот за Судскиот совет на Република С.М., со која законска одредба само се регулира работата на седници на Совет. У-5 бр.618/2023. Имено, со член 8 став 4 од Законот за Судски совет на Република Северна Македонија, е уредено дека претседателот на Советот се избира од редот на членовите на Советот со право на глас, а со член 41 од истиот закон е уредено дека членовите на Советот со право на глас во вршење на функцијата член на Советот се еднакви во правата и обврските“, се вели во образложението на пресудата на Управниот суд.

Судот, анализирајќи ги членовите од Законот за Судски совет со кои се регулира постапката за утврдување на одговорност на член на Советот, вели дека во Законот никаде не е наведено дека тој има надлежност да одлучува за изгласување недоверба на претседателот ниту за негово разрешување од функцијата, без претходно да биде спроведена постапка за утврдување на негова одговорност.

„Претседателот на Советот како член на Советот со право на глас има еднакви права и обврски со останатите членови, а со тоа и еднаква одговорност. Постапката за одговорност на член на Советот е уредена во член 34 и 35 од Законот за судски совет на Република Северна Македонија. Во член 35 став 5 од цитираниот закон е уреден и начин на постапување по барање за дисциплинска одговорност на претседателот на Советот, од што произлегува дека одредбите за одговорност на член на Советот се однесуваат и за претседателот на Советот. Од друга страна во член 36 од истиот закон е уредена и таксативно наведена надлежноста на Советот, во кој покрај другата надлежност, во алинеја 6 е наведено дека Советот одлучува за дисциплинска одговорност на член на Советот, а никаде не е наведено дека истиот има надлежност да одлучува за изгласување недоверба на претседател на Советот, ниту за разрешување само од функција претседател на Советот, без претходно спроведена постапка за утврдување на негова одговорност“,  се наведува во пресудата.

При повторно постапување, се вели во неа, тужениот орган, односно Судскиот совет да ги има предвид укажувањата дадени од Судот.  „…па по спроведена законита постапка, во рамките на своите надлежности, со повикување на конкретни законски одредби да донесе образложена и законита Одлука. Со оглед на изнесеното, Судот најде дека тужбата е основана и одлучи како во изреката на пресудата, согласно член 60 став 3 алинеја 2 од Законот за управни спорови. Управниот суд ја донесе оваа Пресуда без одржување на јавна расправа, согласно член 38 став 1 алинеја 4 од Законот за управните спорови („Службен весник на Република Македонија“бр.96/2019), според кој Судот по исклучок од одредбите од член 37 од овој закон, одлучува по управниот спор без да одржи расправа, ако најде дека оспорениот управен акт содржи такви суштествени недостатоци што ја спречуваат оцената на законитоста на актот, поради што ќе го поништи таквиот акт, како што е случај во конкретниот предмет“, се вели во пресудата на Управниот суд.

Инаку, Дамева, како што може да се види во пресудата, во тужбата, меѓу другото, навела дека воопшто не ѝ биле предочени причините поради кои било поставено прашањето за оценување на доверба, не и биле презентирани факти и докази, како и тоа дека не ѝ било оставено доволно време да се подготви. На неа, како што навела самата во тужбата, не ѝ било овозможено доволно време да презентира факти и докази со кои ќе се спротивстави на „вербалните обвинувања“.

Од Судскиот совет во одговорот на тужбата на Дамева му предложиле на Управниот суд да ја одбие како неоснована, а во образложението навеле: „…дека во Законот за судски совет (Сл.весник на РСМ бр.102/19) од страна на законодавецот не е предвидена одредба со која се регулира начинот и постапката по однос на разрешување на претседател на Советот, ниту било предвидено правно средство против ваквата одлука, а одлуката за разрешување во конкретниот случај била донесена согласно член 38 став 8 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија, каде било предвидено дека Советот ги донесува одлуките со мнозинство од присутните членови со право на глас. Прашањето за доверба било предложено како точка на дневен ред од страна на пет членови на Советот, а самиот член 38 од Законот за Судски совет на РСМ не давал ограничување по однос на тоа која точка ќе биде ставена, туку дека седница се свикува по предлог од најмалку пет члена на Советот“, се наведува во образложението.

Од Советот, исто така, навеле дека Управниот суд во конкретниот спор не може да ги примени конкретните одредби од Законот за управните спорови затоа што Судскиот совет е самостоен и независен орган и не е орган на државната управа. Во поуката од Управниот суд посочуваат дека против оваа пресуда не е дозволена жалба.

Весна Дамева беше разрешена од функцијата претседателка на Судски совет во април минатата година, кога нејзиниот заменик, Селим Адеми, побара да се гласа за нејзино разрешување. По разрешувањето, таа поднесе тужба до Управниот суд. Ова разрешување го наруши кредибилитетот на Судскиот совет на кој имаше повеќе реакции во јавноста, а беше и испратена Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Судот. Остри реакции испратија амбасадорите на САД и на Холандија, Анџела Агелер и Дирк Јан Коп. Амбасадорката Агелер изрази разочараност во работата на судското тело, а холандскиот амбасадор Јан Коп укажа дека судското тело е нелегитимно. Беше испратена и Оценска мисија од Европската Унија која изготви 40 препораки за подобрувањето на функционирањето на Советот.

Вчера,  во коментар во врска со случувањата во Судскиот совет по последните одлуки на Управниот суд, премиерот Димитар Ковачевски изјави дека се согласува со нивните мислењата.