Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, на само неколку дена од завршување на нејзиниот мандат, а како една од причините го наведе политичкиот притисок од премиерот Христијан Мицковски и гарнитурата на власт. Состојбата трае од промената на власт и е интензивирана последните неколку месеци, оценува таа. Сериозна е состојбата кога премиер вели дека на нивно место ќе постави „свои“ луѓе.
Од Владата за весникот ВЕЧЕР велат дека по огромните забелешки за работата на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, единствена исправна одлука била нејзината оставка.
Претседателката на Судскиот совет Весна Дамева си поднесе неотповиклива оставка од функцијата, на само неколку дена од завршување на нејзиниот мандат, а како една од причините го наведе политичкиот притисок од премиерот Христијан Мицковски и гарнитурата на власт.
,,И кога нема слух за подобрување на состојбата во судството и истото е опструирано од власта, и на разно-разни начини, претседателот на владата и политичарите од владеачката гарнитура, од собраниска говорница или преку прес-службата изразуваат негативен став спрема Судскиот Совет, спрема членови на Советот, но, најпоразително од сѐ е што изразуваат негативен став кон судиите, од кои поголемиот број навистина не го заслужуваат тоа, сметам дека единствено што ми останува е да го заштитам мојот личен интегритет и мирот и спокојството, и мое и на моето семејство, поради што поднесувам неотповиклива оставка од функцијата претседател на Судскиот Совет, истакна Дамева во своето подолго обраќање до јавноста.
Нејзината оставка доаѓа по јавните настапи на Мицковски и пратеникот Антонио Милошевски во кои ја обвинија дека сакала незаконски да си го продолжи мандатот, на работен колегиум кој се одвивал зад затворени врати. Таа објасни дека мандатот и бил две години, но неспорен бил фактот оти нејзиниот имал прекин од април 2023 до јануари 2024 поради неделовничкото разрешување.
„Сега дел од членовите на Судскиот совет, заедно со Дамева, се обидуваат на претседателката да ѝ дадат бонус продолжување на мандатот од 8 месеци, како компензација за периодот во кој беше неделовнички разрешена од таа позиција во април 2023 година. Со 9 гласа ‘за’ бил усвоен ваков незаконски заклучок на затворениот колегиум во Советот на 25.11.2024. Овој заклучок е спротивен на член 8 од Законот за Судски совет, а истиот е и без основа бидејќи со пресудата на Управниот суд од декември 2023 се поништи неделовничката одлука на советот и со тоа истата не предизвикува правно дејство“, напиша Милошоски на Фејсбук.
Во своето јавно обраќање Дамева вели дека владеачката гарнитура само барала начини да ја оцрни. Рече дека ќе остане во Судскиот совет за да види до каде ќе оди Милошоски, неговата партија и другите политичари. Состојбата трае од промената на власт и е интензивирана последните неколку месеци, оценува таа. Сериозна е состојбата кога премиер вели дека на нивно место ќе постави „свои“ луѓе. „Во неколку наврати, тој (мислејќи на Мицковски) и политичари од сегашната власт се обраќаа со негативни ставови за членови на Судскиот совет. Сето тоа во насока да се претстави во јавноста дека јас или членови на Советот не ја извршуваме функцијата професионално и стручно. Бевме посочени како тела кои треба да бидат распуштени. Истакна и дека на нашето место треба да дојдат нивни луѓе – претпоставувам дека тоа се однесува на судии или обвинители кои се блиски до владејачката политичка партија. Тоа е поразително е за една демократска држава, вели Дамева.
Од Владата за весникот ВЕЧЕР велат дека по огромните забелешки за работата на претседателката на Судскиот совет Весна Дамева, единствена исправна одлука била нејзината оставка. ,,Разбираме дека од ваквата одлука ќе има многу засегнати и загрижени поради нивното сомнително работење, огромните сомнежи за криминал како и фалсификување на записници, но правдата мора да профункционира, велат за ВЕЧЕР од Владата.
Весна Дамева беше разрешена по пучот кој го предводеше Селим Адеми од позиција на нејзин заменик. Адеми е член со најдолг стаж во Советот повеќе од десет години, првиот пат дојде на предлог на Собранието, од местото државен советник во министерството за правда, кога ВМРО ДПМНЕ беше во коалиција со ДИУ, а вториот на предлог на Претседателот Пендаровски. На оставката на Дамева, реагираа од ДУИ, била одраз на заробена држава и политички притисоци.
,, Оваа влада не само што не успеа да обезбеди праведен и независен судски систем, туку ги користи сите средства за да ги уценува и дискредитира оние кои не се подготвени да се покорат пред политичките притисоци. Кога високи функционери на правосудството, задолжени за заштита на правото и правдата, јавно се уценуваат, пораката е јасна: во оваа држава, независноста на институциите стана непријател на власта, ДУИ обвинува за брутални интервенции врз интегритетот на Судскиот совет.
Дамева за претседател на Судскиот совет беше избрана на 5 декември 2022 година, со мандат од две години, без право на повторен избор. Лани во април таа беше разрешена од функцијата, но по нејзината тужба Управниот суд донесе пресуда со која ваквата одлука беше оценета како незаконска, по што Дамева на почетокот на оваа година се врати на чело на Судскиот совет. По нејзината одлука да си поднесе неотповиклива остава, Судскиот совет закажа итна седница на која прва точка е констатирање престанок на функцијата претседател на Судскиот совет на Република Северна Македонија поради неотповиклива оставка, а втора избор на нов претседател. (П.А)