Претседателката на Судски совет, Весна Дамева, изјави дека специјалната комисија што го испитува случајот со бегството од домашен притвор на поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани, работи интензивно. Според неа, се очекува час поскоро таа да излезе со извештај и дека штом се констатира фактичката состојба, ќе биде ставена на седница.
– Во овој момент, не можам да кажам, затоа што тоа е во рамките на Комисијата, единствено, како претседател на Судскиот совет, на некој начин ги обезбедувам сите технички услови за да им бидат обезбедени тие податоци што им се потребни за анализа. Целата постапка околу конкретниот случај, околу одговорноста на судии и слично, да не прејудицираме, има законски рокови. Во овој случај ќе се работи интензивно и многу итно. Јавноста заслужува одговори час поскоро – изјави Дамева.