Дали српското брашно преку Македонија се пласира на косовскиот пазар?

95

Косовските власти ги држат по неколку дена македонските камиони со брашно на косовска граница за да утврдат дали се работи за српско брашно, кое наводно преку Македонија било увезувано во Косово. Надлежните ја смируваат состојбата и велат дека се во преговори со косовските власти и оти наскоро ќе се најде решение за проблемот. Инаку за еден камион дневно на граница се плаќа по 45 евра, а некои камиони со брашно веќе се вратени назад.
Министерот за економија, Крешник Бектеши ја смирува ситуацијата и вели дека косовските власти се сомневаат оти се работи за реекспорт на српско брашно преку Македонија и поради тоа вршат дополнителни испитувања и анализи. Преку овие анализи се докажува потеклото на брашното, односно тие истите треба да покажат дали се работи за српско или македонско брашно.
– Што се однесува до македонското брашно и проблемите што настанаа од косовска страна јас имав состанок со производителите на брашно од Република Македонија го увидовме проблемот и стапив во контакт со косовскиот колега за што побрзо да се разреши овој проблем, рече Бектеши и додаде дека косовскиот министер за економија го убедил дека за најкратко време ќе се најде решение за овој проблем.
Ова го потврди и српскиот министер за трговија, телекомуникации и туризам Расим Љајиќ според кој на цело Косово има српски производи, кои таму доспеваат преку алтернативни патишта.
– Имате ситуација во која нашата пченица оди во Хрватска, а потоа се транспортира како хрватска пченица и се продава во Косово. Дел од производите оди така, што на пример се продава на бизнисмен во Македонија, а потоа тој ги реекспортира и продава во Косово, изјави Љајиќ.
Според него, за три месеци загубите ќе бидат за околу 90 милиони евра помалку, отколку приходите од продажбата на стоки во истиот период минатата година, односно пред воведувањето на таксите од страна на Косово за увоз на српски производи.
– Мислам дека поголема загуба ќе биде ако овие такси останат, бидејќи нашите стопанственици ќе го изгубат тој пазар. Видовме дека се појавија бизнисмени од Словенија, Унгарија, Хрватска, Албанија, Македонија. Други го искористија овој простор како алтернатива за нивната понуда на производи, рече Љајиќ. (А.С.)