Дали се ближи крајот на Шенген – по Германија и Франција ги враќа контролите на своите граници

69

По Германија и Франција најави воведување на привремени контроли на границите со шест држави. Контролите ќе почнат на 1 ноември годинава и ќе траат до 30 април 2025 година, објави „Луксембург тајмс“.

На Европската Унија Франција ѝ најавила контроли на границите со Луксембург, Белгија, Германија, Шпанија, Италија и Швајцарија.

-Посериозните закани на јавниот ред, јавната и внатрешната безбедност кои претставуваат високо ниво на терористички активности, растечкото присуство на криминални мрежи кои ја олеснуваат нелегалната миграција и криумчарењето, како и миграциските текови кои ризикуваат инфилтрација на радикални поединци, се некои од причините за воведување контроли, наведени на веб-страницата на Европската комисија.

Весникот, исто така, наведува дека нерегулираните премини на границата на Англискиот канал и Северното Море, како и порастот на насилството меѓу мигрантите доведуваат до опасни ситуации кои ги вклучуваат и мигрантите и органите на редот.

Претходно, пред нешто повеќе од еден месец, Германија почна со контроли на сите свои граници, наведувајќи го како причина приливот на баратели на азил. Германската министерка за внатрешни работи Ненси Фезер појасни дека Германија го преземала овој чекор поради високиот број мигранти кои влегуваат во земјата и преоптоварениот систем за прифаќање на бегалци.

Од 16 септември германската сојузна полиција ги контролира границите со Данска, земјите на Бенелукс и Франција, а од претходно ги контролира границите со Полска, Чешка, Австрија и Швајцарија.

Најавено е дека овие гранични контроли ќе траат најмалку шест месеци.

Со оглед на тоа што Германија се наоѓа во средиштето на Шенген зоната, дополнителните контроли би можеле да доведат до тешкотии во движењето на луѓето и стоката. Според полскиот премиер Доналд Туск, со опсежните контроли Германија ќе го загрози целиот Шенгенски систем.

Контролите на внатрешните граници се предвидени само под одредени услови, но државите членки на Европската Унија самите одлучуваат дали тие услови се исполнети, па должни се само да ја известат Европската комисија за нивното воведување. Иако ЕК може да изрази критика во врска со контролите, досега не го направила тоа.

Европската комисија нагласува дека контролите на границите би требало да бидат исклучок и да се користат само како последно средство. Исто така, според неодамна изменетиот Шенгенски граничен кодекс, тие контроли треба да бидат привремени, со максимално траење од три години.