Дали Мицкоски и Ковачевски биле на иста лидерска средба?!

402

Различните толкувања на заклучоците од лидерската средба ставија кочница на дијалогот што го најавија лидерите по подолг молк. Малиот оптимизам  кој пред една недела се појави по средбата Ковачевски-Мицкоски сега се чини се подалечен, а претседателите на двете партии како да биле на различен состанок. Засега е неизвесно како ќе продолжи дијалогот за преодна Влада и евентуални уставни измени, откако двете најголеми партии СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ направија чекор напред кон консезус за најактуелните политички процеси. Партиите не оствариле никаква комуникација после лидерската средба, и не се знае како понатаму ќе продолжат разговорите. И додека се чека епилог на статус кво ситуацијата, се засилуваат меѓупартиските препукувања на релација власт-опозиција.

Лидерот на најголемата опозициска партија Христијан Мицкоски во интервју за Дојче Веле, вели дека упорната манипулација од страна на СДСМ посочува на отсуство на волја кај владејачката партија да се направи реален исчекор кон решение.

– Она што го понудив е промена на околностите, заштита на националните интереси и европска интеграција. Првиот предлог кој го дадов е преодна влада без ДУИ, измени кои ќе стапат во сила со завршување на преговорите и членството на државата во ЕУ. Вториот предлог е избори, гаранции за националниот идентитет и јазик, економски пакет, и заштита на Македонците во Бугарија преку спроведување на пресудите на судот за човекови права во Стразбур. И измени од влада без ДУИ, поддржана од опозицијата. Она што го понуди Ковачевски се уставни измени под бугарски диктат, и широка влада со ДУИ. Не е поентата ВМРО- ДПМНЕ да дојде на власт во некаква широка влада, туку да изградиме процес и пакт за национално единство каде ќе ги заштитиме националните интереси, вели Мицкоски.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека би било непродуктивно и бесцелно да продолжат со работа работните групи, кога СДСМ не се сложуваат со ниту еден од предлозите кои ги дале.

-Ако се пропушти и оваа шанса, јасно е дека процесот е целосно заглавен, дека СДСМ има намера да донесе решение кое ќе биде штетно, а единствената брана за такви уставни измени ќе останат ВМРО- ДПМНЕ и пратениците кои нема да дозволат тоа да помине. Во тој случај изборите се единственото логично решение, смета Мицкоски.

Од партијата неколку пати го повикаа Ковачевски да каже кој од нивните предлози е прифатлив.

Премиерот Димитар Ковачевски повикува да не се толкуваат предлозите, туку да се почитува договорот од лидерската средба на 7 јуни.

„Главен заклучок од лидерската средба е дека ВМРО-ДПМНЕ не е против уставни измени тоа е прво и најважно, бидејќи тие претходно обвинуваа дека со уставните измени и со внесувањето на други делови од народи во Преамбулата државата ќе била бугаризирана и асимилирана. И ВМРО-ДПМНЕ потврди дека нема ништо против уставните измени, дека сака да биде дел од Владата и ние тоа го прифативме и ќе отстапиме 50 отсто од министерските места со кои раководи СДСМ“, изјави премиерот Ковачевски.

Опозицијата побара и ДУИ да не учествува во Владата, што беше експресно прифатено од партијата. „Јас тогаш реков дека излегувањето на ДУИ од Владата може да предизвика одредена политичка динамика, што подоцна се потврди кога и Алијанса за Албанците и Беса кажаа дека нема да учествуваат во таква Влада. Сега останува ВМРО-ДПМНЕ да остане во процесот, оти демантирањето или излегувањето од рамката од тоа што е договорено на лидерската средба и кажано на прес- конференцијата  ќе претставува големо разочарување и за граѓаните и за меѓународната заедница“, рече Ковачевски.

ДУИ и вчера го реафирмираше ставот  дека е спремна да ја напушти Владата, барање кое го испорача Христијан Мицкоски на лидерската средба.

– Нашиот став од 7-ми јуни е најдоброто нешто што сме можеле да го направиме. Ние ветивме европска интеграција. ДУИ е партија која ветува и остварува. Во насока на нашата партија, ние се би жртвувале само Северна Македонија да влезе во Европска Унија. Небитна е власта. Дали меѓу ДУИ во опозиција или Македонија во ЕУ, ние ќе бираме Македонија во ЕУ. Немаме дилема за ставот. После сите кризи, ова е вистинскиот пат, вели Груби.

Премиерот Димитар Ковачевски не ја исклучи можноста за нова средба со Христијан Мицкоски, но според власта, работните групи за продолжување на разговорите за уставните измени се вистинскиот формат во кој треба да продолжи договарање на сите детали меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ. Од ВМРО-ДПМНЕ остануваат на ставот дека формирањето на ваква работна група има смисла, само ако СДСМ каже кој од двата предлози на ВМРО-ДПМНЕ е прифатлив за нив – преодна влада без ДУИ и уставни измени кои би стапиле во сила на денот на членството на земјата во ЕУ или предвремени избори оваа есен.   (Ј.Ц.Г.)