Дали короната го одложи прогласувањето на СРЦ „Треска“ за слободна туристичка зона!?

211

Деталниот урбанистички план за езерото Треска е доставен до ресорните министерства за мислење, по што треба да следи негово изгласување од Советот на Општина Сарај, по што ќе следи прогласување на тој простор за слободна туристичка зона. Беким Хаџиу од Секторот за туризам при Министерството за економија за весникот ВЕЧЕР истакна дека тоа требаше да се случи уште минатата година, но поради изборниот процес кој беше прекинат и поради пандемијата со коронавирусот, целата процедура се оддолговлече

 

Спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“, наскоро ќе биде прогласен за слободна туристичка зона. Новиот статус се очекува да го поттикне инвестирањето во оваа локација која порано беше главното сврталиште на скопјани, бидејќи инвеститорите ќе бидат ослободени од плаќање на комуналии.

Беким Хаџиу од Секторот за туризам при Министерството за економија за весникот ВЕЧЕР истакна дека тоа требаше да се случи уште минатата година, но поради изборниот процес кој беше прекинат и поради пандемијата со коронавирусот, целата процедура се оддолговлече.

– Сè беше подготвено, но беа распишани избори, па прекинати заради пандемијата која трае и затоа сè уште не е во процедура. Но, по завршување на сè, спортско-рекреативниот центар „Езеро Треска“ сигурно ќе биде прогласен за слободна туристичка зона – истакна Хаџиу.

Минатата година имало некои нерешени технички процедури во делот на ДУП-от кој го опфаќа спортско-рекреативниот центар, а се однесува на тоа во опфатот да нема приватни парцели. Хаџиу вели дека ДУП-от за овој спортско-рекреативн центар сè уште не е донесен од страна на Општина Сарај, на која целосно ѝ е препуштено неговото уредување и заживување.

– ДУП е изработен и доставен е до Министерството за животна средина и на Град Скопје за мислење. По добиените мислења ќе биде доставен и до Министерството за транспорт и врски. Ние очекуваме најбрзо што може да ги добиеме позитивните мислења – изјави Сефи Шабани, секретар во Општина Сарај.

И додека не се завршат сите овие бирократски процедури, ќе помине уште една капачка сезона во која езерото Треска ќе биде забрането за капачи и запуштено, какво што е со години. Од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ обвинија дека градоначалникот Петре Шилегов не мрднал со прст да го врати сјајот на СРЦ „Треска“ иако тоа го вети.

-Три години поминаа од ветувањето на Шилегов, а езерото Треска е руинирано, зафрлено, и без ниту една инвестиција за негово ревитализација – обвинија од советничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Од Градот велат дека со посебна одлука на Владата во 2013 година, објектот СРЦ „Езеро Треска“ е во целосна надлежност и ингеренција на Општина Сарај.

–  Градот Скопје е вклучен во активностите за негова ревитализација. Станува збор за комплексен проект за чија реализација е потребно изготвување на поголем број на проекти, а истите треба да се реализираат во соработка со Општина Сарај, која треба да го донесе ДУП-от со кој се предвидува облагородување на просторот – одговорија од Градот.

Во август минатата година на седница на Владата е усвоена Информацијата врз чија основа се овозможува Општина Сарај да ја започне постапката за изградба на спортско-рекреативен центар во близина на селото Глумово, кој ќе го опфати и езерото Треска, и кој вклучува изградба на викенд-населба, хотелски комплекс и спортско-рекреативен центар за развој на екотуризам.

Од проектантската куќа „Про-инженеринг“ од Тетово која го изработи ДУП-от за СРЦ „Езеро Треска“ за весникот ВЕЧЕР објаснија дека со урбанистичкиот план се задржува постојниот карактер на зоната.

– Се предвидуваат отворени базени, атриуми, трим-патеки. Освен тоа, во тој дел се планира и еден хотелски комплекс, објекти за времено сместување, односно бунгалови. Предвидена е и маркичка за катна гаража, а покрај крајбрежниот појас на езерото ќе има и плажа – образложија од „Про-инженеринг“. 

Поради загаденоста на водата, езерото е затворено како капачки објект од 1998 година. Изградено е во 1978 година со самопридонес на жителите на Скопје.
(А.П.)