Дали Заев сите ќе ги претрка во мртвата трка ?!

236

Дали првиот полицаец Оливер Спасовски е фаворитот што по маратонски преговори го договорија Зоран Заев и Али Ахмети, дефинитивно ќе се знае утре. Без да соопштуваат детали за тоа какви се релациите во владината коалиција, Заев и Ахмети во средата вечерта се договорија – заеднички ќе настапат на претседателските избори.
Договорот за консензуален кандидат по низата натегања на релација “Бихаќка” и Мала Речица, сепак и не е големо изненадување, со оглед на фактот што и Заев и Ахмети беа подготвени на се за да го спасат бракот од интерес.

„Направивме суштинска анализа и се договоривме да воспоставиме еден стандард во нашата земја, иако обиди имаше и порано за тоа, меѓутоа беа неуспешни, за да дадеме порака до нашите граѓани дека имаме доволно зрели политички партии, но и општество, кои да може да донесат заеднички одлуки за претседател на државата”, изјави лидерот на ДУИ, Али Ахмети, по едночасовната средба со премиерот Зоран Заев.

Пред самата завршница на пазарањето во јавноста до крај се шпекулира со четворката од “Бихаќка” – Стево Пендаровски, Оливер Спасовски, Никола Димитров и Радмила Шекеринска. Дел од медиумите пак пренесуваат дека иако името ќе се договара утревечер на средба Заев -Ахмети, и дека ќе се избира меѓу министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и националниот координатор за НАТО, Стево Пендаровски.

Поранешниот пратеник Сафет Бишевац во телевизиско интервју рече дека во редовите на СДСМ нема компетентен човек за достоен кандидат за претседател на Република Македонија и дека владејачката партија нема план за кампања за претстојните претседателски избори. Бишевац во интервјуто ја отвори можноста дури и премиерот Зоран Заев на крај да биде консензуалниот кандидат, иако тој во неколку наврати отфрли таква можност.
– Јас би бил идеален консензуален кандидат за претседател, гледајќи ги рејтинзите, ама уште сум млад за да се кандидирам”, изјави неодамна премиерот Зоран Заев, кој во таа прилика изјави  дека му се допаѓа и идејата две дами да се борат за претседателската фотелја.

Дел од албанските портали, пак, пренесоа дека актуелниот министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, е заеднички кандидат на владејачката коалиција СДСМ- ДУИ. Порталот Медиал.мк, повикувајќи се на извори од коалицијата, пренесе дека името на Спасовски било избрано на краткиот состанок меѓу владините партнери уште во средата.

Во исто време, албанската опозиција ќе понуди свој кандидат за претседателските избори и не даде поддршка за консензуалниот кандидат на СДСМ и ДУИ.

Поранешниот амбасадор и универзитетски професор Блерим Река ќе биде заеднички кандидат за претседател на Алијанса за Албанците и на Беса на Билал Касами. Својата кандидатура, професорот ја најави на неговиот фејсбук-профил.
“Има две причини за оваа одлука. Прва – само со кандидати Македонци, без ниту еден Албанец ова мултиетничко општество ризикува да се претвори во моноетничко општество, а Албанците да станат само гласачи, но не и оние за кои ќе се гласа. Втора – само интелектуалните критики, без политичко соочување, не се доволни за промена на состојбата. Тие на Фејсбук остануваат само виртуелни, додека животот е реален. И последно, историјата ја испишуваат државниците, додека интелектуалните само пишуваат за историјата”, напиша Река.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ во претседателската трка ќе влезе со универзитетската професорка Гордана Силјановска.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју рече дека ВМРО- ДПМНЕ не размислува за бојкот на претседателските избори, но дека тоа не е исклучено во случај на изборни нерегуларности.
“Јас повеќе се плашам од бојкот и опструкција од СДСМ и ДУИ во вториот круг, кога ќе ги видат резултатите од првиот круг. Но, ако во првиот круг се случат истите настани како што беа за референдумот, односно ако имаме гласачи кои гласаат за 2,4 секунди, тоа нема да го толерираме#, потенцираше Мицкоски, и изрази убеденост во победа на нивниот кандидат. Тој нагласи дека немаат интерес за бојкот, бидејќи преку успешноста на изборниот процес гледа начин да се победи “заевизмот”.

Потписи за независна кандидатура деновиве собира долгогодишниот член на ВМРО-ДПМНЕ, Филип Петровски, кој беше пријавен и на партискиот оглас на опозицијата, но не доби поддршка од делегатите.
Како независен кандидат се споменува името на пратеникот Амди Барјам, кој сам ја најави неговата кандидатура

Рокот за собирање потписи за независните претседателски кандидати завршува на 9 март, кандидатурите се доставуваат до ДИК најдоцна до 21 март, а предизборната кампања за првиот круг започнува на први април.

Шестите претседателски избори беа распишани од претседателот на Собранието, Талат Џафери на 8 февруари. Првиот изборен круг е закажан за 21 април, а вториот ќе се одржи на 5 мај.

Доколку во вториот изборен круг не се обезбеди потребниот цензус и не биде избран нов претседател на државата, по Уставот претседателот на Собранието ја врши должноста во период од најмногу шест месеци. Во меѓувреме, појаснува собранискиот спикер Талат Џафери, се повторува постапката за избор на претседател на државата, односно се распишуваат нови избори. Овој случај, потенцира претседателот на Собранието, е предвиден во Уставот, како што е предвидено и што се случува доколку по било кој основ претседателот на државата да е спречен да ја извршува функцијата.