Една тема во светот на тенисот секогаш предизвикува голема бура – заработка во тенисот, поточно дали тенисерките и тенисерите треба да имаат иста заработка. Изјавите на таа тема често предизвикуваат спротивставени мислења, а тоа секако ќе биде случај по зборовите на поранешниот руски тенисер Николај Давиденко.
Тој зборуваше токму за тоа и неговото мислење е јасно – заработката треба да биде различна. Тој објасни и зошто има ваков став. „На турнирите од серијата 250, 500, Мастерс 1000, да, тоа е можно. Но, кога ги слушам како викаат за тоа на грен слемовите, а тие не играат пет сета… Еве, Серена Вилијамс освои слем со губење вкупно 10 гема на турнирот, доби сетови со 6:0, 6:1, 6:2, не се ни препоти првиот меч“, изјави Давиденко за руската „Меч ТВ“.
Тој продолжи да објаснува. “Во машкиот тенис може да ви се случи веќе во првото коло на еден слем да играте меч во пет сета и потоа да бидете исцрпени. Машкиот тенис е три пати потешка работа од женскиот, особено на грен слемовите. Плаќањето идентична награда не е фер“.
Давиденко има 43 години и се повлече од тенисот во 2014 година поради хронични проблеми со повреди. Се пензионираше на 33 години, иако падот започна многу порано. „Практично завршив на 25 години, поради повреда. На 30 се опоравив, се обидов да се вратам, телото не можеше да издржи. Ние не сме роботи, обемот на работа е голем, се случуваат повреди. Ниту еден тенисер во светот не мина низ кариера без ниту една повреда, а сето тоа подоцна ги ограничува тренинзите и подготовките за натпревари“, заклучи Давиденко, некогаш третопласираниот тенисер во светот.