Г.Г. Стефан: Споменот за Гоце останува, крајно време е да видиме дека Македонија не е само географија, туку библиска земја со свето име  

482

 

 – Споменот за Гоце останува и љубовта кон него не се намалува. Не треба да размислуваме само колку се гордееме со Гоце, туку и колку тој се гордее со нас, дали не смета за родољубци подготвени да ги бранат неговите аманети. Гоце и многубројните комити и борци се дадоа за слобода на татковината, а што даваме ние. Љубовта кон татковината се потврдува само со дела, крајно време е да видиме дека Македонија не е само географија, туку библиска земја со свето име – истакна поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, на одбележувањето на 152-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев

 

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска по повод 152-годишнината од раѓањето на македонскиот револуционер Гоце Делчев положи цвеќе на гробот на револуционерот во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.

На вечното почивалиште на Гоце Делчев цвеќе положи и делегација на техничката Влада, предводена од првиот вицепремиер задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, во чиј состав беше и министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска и заменик министерот за транспорт и врски Беким Реџепи.

Цвеќе положи и делегација на Собранието, предводена од потпретседателот Горан Мисовски. Во состав на делегацијата беа Марија Георгиевска и Велика Стојкова-Серафимовска.

Почит на Делчев му одадоа и поранешниот премиер и претседател на СДСМ Димитар Ковачевски, поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан, претставници на дипломатскиот кор, како и претставници на повеќе политички партии и граѓански здруженија.

Чествувањето почна со панихида со која чиноначалствуваше г.г. Стефан во сослужение на повеќемина свештенослужители на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.

– Споменот за Гоце останува и љубовта кон него не се намалува. Не треба да размислуваме само колку се гордееме со Гоце, туку и колку тој се гордее со нас, дали не смета за родољубци подготвени да ги бранат неговите аманети. Гоце и многубројните комити и борци се дадоа за слобода на татковината, а што даваме ние. Љубовта кон татковината се потврдува само со дела, крајно време е да видиме дека Македонија не е само географија, туку библиска земја со свето име – истакна поглаварот на МПЦ-ОА, г.г. Стефан.

Поради безбедносни протоколи, поставени беа два пункта за контрола од страна на МВР, едниот на крстосницата кај „Меморијалниот центар на холокаустот“ и другиот кај Мустафа-пашината џамија.

Делегација на ВМРО-ДПМНЕ предводена од потпретседателот Владо Мисајловски, во состав од членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева, претседателот на Правна Комисија Панче Тошковски и пратеничката Велика Стојкова Серафимовска денес положи свежо цвеќе на гробот на Македонскиот великан Гоце Делчев, по повод 152 години од неговото раѓање.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на ФБ објави честитка по повод 152 години од раѓањето на македонскиот револуционер.

„Денес на 4 февруари, 1872 година во Кукуш е роден еден од најсветлите македонски синови Гоце Делчев. Живот кој бил краток, но исполнет со дела и саможртва вредна за паметење и наш поклон.
Да не ги заборавиме и силно да ги чуваме неговите идеали, борба и цели, да се бориме за Македонија. Само така ќе покажеме и почит кон великанот. Македонија силна, достоинствена, наша и почитувана“, напиша Мицкоски.

фото П. Стојановски