Гутереш: Израелската офанзива во Рафах би била неподнослива ескалација на ситуацијата

34

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска предупреди дека израелската воена офанзива во Рафах, на југот на Појасот Газа, ќе биде неподнослива ескалација на ситуацијата во регионот.

„Воен напад врз Рафах би претставувал неподнослива ескалација, бидејќи уште илјадници цивили би биле убиени, а стотици илјади луѓе ќе мора да побегнат“, им рече Гутереш на новинарите, повикувајќи ги израелските власти да не го прават тоа.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху претходно денеска изјави дека планира да го нападне Рафах, без разлика дали ќе биде постигнат договор за прекин на огнот со палестинското движење Хамас.

Гутереш, исто така, изрази длабока загриженост поради откривањето на масовните гробници во двете главни болници во Појасот Газа и повика на независна истрага.

„Императив е на независните меѓународни истражители да им се дозволи директен пристап до локациите за да се утврдат точните околности во кои Палестинците ги загубија животите и беа погребани“, рече генералниот секретар на ОН.