Групната изложбa „Тука, но некаде другаде“ вечерва во „Мала станица“

15

„Тука, но некаде другаде“ е насловот на групната изложба која ќе се отвори вечерва (24 октомври), во 19 часот, во просториите на мултимедијалниот центар „Мала станица“, а јавноста ќе може да ја посети до 4 ноември.

Изложбата е копродукција на непрофитната организација за промоција на женската активност – Тиииит! Инк. (Скопје) и Галерија ШКУЦ (Љубљана).

„Тука, но некаде другаде“, ги истражува универзалните човечки искуства на мобилност, движење и припадност преку лични приказни. Прикажува дела на седум уметници чии практики комбинираат локални и регионални перспективи. Делата на Невена Алексовски, Елена Чемерска и Ивана Мирчевска, Ана Чворовиќ, Андреа Кнезовиќ, Илија Прокопиев и Ленка Ѓоројевиќ ги вткајуваат заедно динамиката на раселеноста, транснационалните идентитети, колективноста и променливото чувство на припадност на оние кои ги минуваат границите. Кураторка на изложбата е Јана Старделова.

-Нивните дела истражуваат интимни картографии на припадноста – без разлика дали е доброволна, присилна или замислена, низ времето. Замислено како долгорочна иницијатива, „Тука, но некаде другаде“ нè предизвикува да мислиме на луѓе наместо на географии, да ги замениме омразата и стравот со солидарноста. Наместо да има за цел да прикаже фиксна перспектива или да докаже нешто, таа го свртува погледот кон промената, како се стигнува до неа и како таа влијае на нас и нашите заедници, се посочува кон изложбата.

Влезот за посетителите е слободен.