Се крати листата на кривични дела за кои поранешниот премиер Никола Груевски се товараше од страна специјалното јавно обвинителство, му се намалија годините затворска казна од пресудата за случајот познат под истражното име „Тенк“. Во петок му застарува казната затвор за луксузниот автомобил марка „Мерцедес“ обвинение за кои судијката Добрила Кацарска го осуди на казна затвор од две години. Така предвидува законот за кривична постапка, поминало двапати повеќе време колку што се бара за извршување на казната, односно две години плус двапати по две. Пресудата стана правосилна пред шест години, па така и „Мерцедесот“ и казната на Груевски го „извозија“ времето.
Груевски ја напушти Македонија непосредно по правосилноста на судската одлука и тој е веќе шест години во азил во Унгарија. За истото дело казна затвор од четири години одлежа поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска и службеникот во МВР, Ѓоко Поповски, кој беше осуден на 4 ипол години затвор.
Јанкуловска во неколку наврати јавно изјави дека не го оправдува бегството на нејзиниот поранешен шеф велејќи дека немал доволно храброст. Тој пак од Будимпешта сè уште се брани дека е жртва на политички прогон.
Неизвесни и други пресуди
За три години на Груевски му застарува и кривичното дело за случајот „Насилство во општина Центар“, осуден е на година ипол казна затвор за организирање на протестите во 2013 година кои завршија со познатите ,,шамари,,во општината. Во кривичната „опашка“, му се влечат деветте години за случајот „Плацеви на Водно“, осуден е во отсуство па може да побара повторување.
Измените во ЗКП го спасија поранешниот премиер
Во корист на бегалецот беше измената на законот за кривична постапка во делот на злоупотреба на службената положба и овластување, па така застареа делата- ТНТ за уривање на објектот Космос на Фијат Цановски и „Траекторија“, за договорените провизии од изградба на автопатиштата. Спасение во измените најде и обвинението за проектот „Скопје 2014“.
Во судските инстанци актуелни три предмети
Судска разврска нема за предметот „Талир1“ и „Талир2“ обвиненија кои го гонат поради обезбедување на пари за партијата од нелегални извори и за конфискација на партиското седиште, во јавноста познато како Белата палата. Му се брои и обвинението за случајот „Титаник“, каде што се товари за злоупотреба на пари за финансирање на изборната кампања и повреда на избирачкото право. Последно прекината му беше истрагата за насилствата во Собранието на 27 април.
Каде е сега „мерцедесот“ на Груевски?
Мерцедесот е под надлежност на Владата односно под секторот Општи и заеднички работи. Според официјалните информации се користи за возење на странски делегации поради безбедносната опрема на возилото. Иако претходната Влада помпезно го покажуваше пред јавноста и ветуваше дека ќе го продаде со цел да купи амбулантни возила, сепак нужноста од вакво ВИП возило го зачува во владините гаражи. „Како авион да возиш, немам видено досега такво нешто. И овие од „Мерцедес“ викаат вакво возило не сме продале во Југоисточна Европа, клима, масажери, чуда… Нема поубава кола во Македонија“, беа дел од транскриптите од прислушуваните разговори за „мерцедесот“ од 600 илјади евра. (П.А.)