Груби: Корупцијата е вирус пострашен и од ковид

40

Најголемата закана за економиите е корупцијата, а не короната и почетната основа за економско закрепнување е борбата против организираниот криминал и корупцијата, порача денеска првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби, од првиот панел на меѓународната конференција во Скопје.

Тој ги повика Владата, невладините организации, бизнис заедницата, сите да се обединат и да ѝ застанат на патот на корупцијата.

„Корупцијата е нашиот најголем непријател и закана за растот на сите економии, општества и демократии. Го поткопува кредибилитетот на институциите и процесите. Се работи за уште пострашен вирус од ковид кога станува збор за закрепнувањето, растот и развојот на економијата. Мора да градиме клима на личен и институционален интегритет, етичко однесување на лично и институционално ниво.  Но, без одржливо владеење на правото не можеме да имаме кредибилни институции и доверба на јавноста кон системот. Некредибилни институции значат недостиг на јавна доверба што доведува до селективна и корумпирана правда, а тогаш немаме стабилни инвестиции, стабилна бизнис клима. Тоа доведува до замена на правниот систем, на најлесниот начин – мито, да се заврши работата“ – рече првиот вицепремиер.

Груби нагласи дека 120 милиони евра се губат поради корупција во земјите членки на ЕУ, а корупција е вклучена во 20 до 25 отсто од договорите.