Грип ја тресе Македонија, за два дена починаа две лица

223

Македонските граѓани се вознемирени, сезонскиот грип уште го нема достигнато пикот, а веќе ја имаме две жртви кои за два дена починаа од овој опасеn вирус. Првата жртва е петгодишно девојченце што било лекувано од вирусна пневмонија, а лабораториските резултати потврдиле дека починало од свински грип од типот Х3Н1 Инфлуенца А. Втора жртва е 24-годишната девојка со Даунов синдром која починала на КАРИЛ по добиените компликации од грипот.
Вирусот на грип од инфлуенца А, во Македонија не беше присутен три години

Податоците на Институтот за јавно здравје велат дека само во изминатата недела се пријавени 1.252 случаи со симптоми на грип што е речиси двојно зголемување во споредба со последната недела од јануари. Најголем број од заболените припаѓаат на возрасната група од 15-64 години и децата од возрасната група од 5 до 14 години.
Во последната недела најголем број од заболените се пријавени од подрачјето на Скопје, Струмица и Кратово.
Според Институтот за јавно здравје оваа сезона вкупниот број на заболени од грип изнесува 4.125 лица.

Грипот го зема данокот и во соседните држави, но и пошироко во Европа. Анализите велат дека од почетокот на сезоната во соседна Србија има шест починати лица.
Според податоците на Институтот за национално здравје, годинава одѕивот за вакцинирање од сезонски грип бил најголем. Во Србија има пријавено 68.516 заболени од грип, што е за 10 проценти повеќе од 2018.

Во Босна и Херцеговина до крајот на јануари починаа 22 лица од грип, а во Хрватска состојбата е најсериозна и бројот на починати од грип оваа сезона достигна до 45 пациенти.

Во Албанија се шири пандемската форма на вирусот АХ1Н1, познат како “свински грип#, а во исто време расте и бројот на заразени од морбили.

По официјално потврдените два смртни случаи меѓу жители на градот Елбасан, се очекува потврда од анализите за третиот смртен случај. Заразени со врусот АВХ1Н1 се регистрирани и во приморскиот град Валона.

– Регистрирани се осум случаи заразени со опасниот вирус АХ1Н1. Меѓу нив е и едно дете, потврдија претставници на Регионалната управа за јавно здравје во Валона.

Заболувањата и смртноста од грип се зголемува во Грција, и во текот на претходната седмица починале 12 луѓе, соопшти Националниот центар за контрола и превенција на болестите. Вкупно оваа сезона во Грција се евидентирани 18 смртни случаи од лабораториски потврден грип, а возраста на починатите е од 25 до 90 години.
Во Романија пак досега од сезонски грип починале 92 заболени. Според податоците на Националниот институт за јавно здравје последната жртва е 64-годишен маж од округот Констанца, кој не бил вакциниран и за кого е потврдено дека имал вирус од типот А.
Но сезонскит грип предизвика проблеми и пошироко во Европа. Алармантно е во Франција каде што од грип оваа сезона починале над 1.100 лица. Според француската Мрежа за следење на епидемијата на грипот епидемијата е проширена низ целата држава. Над 12.000 пациенти минатата недела побарале помош во службите за итни случаи, 1.823 лица се хоспитализирани, што е за 70 проценти повеќе во споредба со претходната недела. Но, 43 отсто од хоспитализираните се лица над 75 години, а 15 проценти се деца под пет години.

(В.Ма.)