Kорпите за отпадоци што се наоѓаат во паркот кај Градската болница спроти зградата во која е сместена Социјалистичката партија и Националниот совет за родова рамноправност (СОЖМ), се преполни со кеси со отпад од кои истекува исцедок. Фотографиите што ги направи фоторепортерот на весникот „Вечер“, Ѕвонко Плавевски говорат сами за граѓанската несовесност на поединци од околните згради кои корпите за отпадоци, чија намена е во нив да се фрли ситен смет, хартии и слично, ги наполниле со комунален отпад ставен во кеси.
Родители кои ги носат своите дечиња во блиската градинка, со револт коментираат дека недозволиво е среде центар, до болница и градинка, да има преполни корпи за отпадоци и тоа со несоодветен отпад кој граѓаните треба да го фрлат во контејнерите.
Портпаролот на јавното претпријатие „Комунална хигиена“, Ана Марија-Бранѓолица вели дека сметот во овие помали канти се собира во три смени.
– Има специјално задолжен работник за да ги празни овие корпи. Тој внимава тие да не се преполнат. Во овој случај најверојатно поради големата фреквенција на пациенти овде тие се преполниле. Колку и да сме агилни нема да помине ни половина час тие повторно се полнат – изјави Бранѓолица.
Таа потенцираше дека за ваквата непријатна глетка придонесуваат и граѓаните од околните згради кои не ги користат подземните контејнери кои се за таа намена.
– Овие канти не се за комунален смет. Тие се за ситен отпад. Затоа, токму во овој дел имаме и подземни контејнери каде жителите можат да го исфрлат ѓубрето – децидна е Бранѓолица.
Според неа, во нивна надлежност се корпите само на јавните површини кои се под нивна ингеренција, како што се Градскиот плоштад, улицата „Македонија“, и слични, онаму каде што претпријатието ја одржува хигиената, додека останатите се во надлежност на општините.
– Таму каде што метат нашите вработени, редовно ги празнат корпите. На самите корпи што се во надлежност на општините дури и пишува, на пример, Општина Центар – истакна Бранѓолица.
(А.П.)