Ако се воведе евтина тарифа од 12:00 до 16:00 часот, ќе треба да се укине евтината тарифа од 22:00 до 24:00 часот, вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски. – Разговаравме и со ЕСМ и со ЕВН Хоум. Немаа забелешки и се за дополнителен час евтина тарифа. Но, заеднички заклучивме дека ќе ја следиме ситуацијата, имајќи предвид дека има сериозни најави за зголемување на електричната енергија од јануари – рече Бислимоски, кој не очекува какви било драматични шокови 

Граѓаните ќе почекаат за дополнителен час евтина струја прекуден и покрај тоа што од 12:00 до 16:00 часот цената на електричната енергија е најевтина на берзите. Анализите на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) на потрошувачката на струја од 2021 година до септември годинава покажале дека до крајот на 2023 година немало услови за враќање на евтината тарифа.

Исто така, пресметките покажале дека ако се воведе евтина тарифа од 12:00 до 16:00 часот, ќе треба да се укине евтината тарифа од 22:00 до 24:00 часот, што нема да биде прифатено поради навиките на граѓаните.

– Во првите девет месеци од оваа година, пак, анализата покажа дека најниски биле цените за еден час за струјата во периодот од 12:00 до 16:00 часот во текот на денот, но и покрај тоа, не се исполнети условите за дополнителен еден или два часа евтина струја во текот на денот. За жал, од 20:00 до 24:00 часот цените се убедливо високи. Тоа е удар поради случувањата со цените во регионот – вели првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, кој истакна дека реално, ако се стават овие часови во скапа тарифа, граѓаните ќе имаат помалку корист.

Според него, регулаторот нема да се откаже од воведувањето евтина дополнителна тарифа, затоа што не сака да се предизвикаат дополнителни проблеми во ЕСМ и затоа што зголемената потрошувачка во дневната евтина тарифа ќе треба да се надомести однекаде.

– Разговаравме и со ЕСМ и со ЕВН Хоум. Немаа забелешки и се за дополнителен час евтина тарифа. Но, заеднички заклучивме дека ќе ја следиме ситуацијата, имајќи предвид дека има сериозни најави за зголемување на електричната енергија од јануари – рече Бислимоски, кој потенцира дека Македонија е единствената земја во регионот со евтина енергија.

Тој истакна дека не сакаат да се работи популистички, туку да се обезбеди секторот за електрична енергија во наредниот период, финансиски да се стабилизира, да застане на нозе, бидејќи поминал низ тешка енергетска криза, започнувајќи од 2021 година.

– Факт е дека ЕСМ работи со загуби, мора да помине период за да се консолидира и не сакаме со овие одлуки сега уште повеќе да ја влошиме нивната финансиска ситуација. Очекувам Владата да му префрли одредени финансиски средства на ЕСМ ако работи со загуби. Треба да се намалат трошоците, да се зголеми производството за да почне ЕСМ да се стабилизира – рече Бислимоски.

За цената на електричната енергија по 1 јануари, Регулаторна веќе ги добила барањата од Електродистрибуција за дистрибуција на електрична енергија, од МЕПСО за пренос на електрична енергија и од МЕМО за оператор за пазарот на електрична енергија.

– Најбитни елементи ќе бидат покривање на загубите на електрична енергија, кои треба да ги направат МЕПСО и Електродистрибуција. Тие ќе се направат во наредниот период, така што во овој момент не сакам да шпекулирам и неблагодарно е да кажувам дали ќе се зголеми или ќе се намали цената на електричната енергија. Дополнително, ЕВН Хоум треба да распише тендер за набавка на електрична енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи. На тој тендер треба да видиме колку проценти ќе обезбеди ЕСМ, дали ќе се обезбедува од слободниот пазар, по која цена ќе се понуди, значи тоа се работи на пазарот. Кога ќе ги знаеме резултатите, како и секогаш, ќе ја информираме јавноста. Сепак, не очекувам какви било драматични шокови – потенцира Бислимоски.

Тој нагласи дека продолжува трендот голем број од малите потрошувачи што беа на регулираниот пазар да излегуваат и да се враќаат назад, на слободниот пазар, каде што цените во изминатиот период беа пониски.

– Реално е тие потрошувачи да си одат на слободниот пазар кога има подобри финансиски услови за набавка на електрична енергија и на тој начин и ние, како РКЕ,,испративме сигнал, малку по малку, ЕСМ да го растоваруваме од обврските да обезбедува електрична енергија по 60 евра за мегават-час – рече тој.

Бислимоски смета дека регионот треба да направи една голема, сериозна берза, што ќе ги отсликува случувањата тука, со цел да се избегнат надворешни влијанија. Тој потсети дека регионот, летово што помина, се довел во ситуација во одредени денови да плаќа и трипати повисока цена за електричната енергија, а тоа е, според него, еден од проблемите што сите берзи во регионот се реферираат на цената не берзата во Унгарија, на која тргуваат играчи од регионот, но и играчи од Средна Европа и од Австрија.

– Од искуството што го имавме ова лето, мислам дека ќе сфатиме дека е многу подобро да имаме една заедничка берза, која, пред сè, ќе ги намали трошоците, со оглед на тоа што имаме берзи во сите земји од регионот, а сите сме релативно мали пазари. Но, доколку направиме една голема берза, заедничка за целиот регион, тогаш таа ќе биде многу интересна за трговците и мислам дека ќе има далеку поголем обем на трговија од неколку европски берзи, вклучувајќи ја и ХУПЕКС – истакна Бислимоски.

(С.Бл.)