По цели 20 години без попис, државава е подготвена од недела да почне со најголемата статистичка операција. Надлежните уверуваат дека се исполнети сите предуслови за безбеден, брз и кредибилен попис.
Во истовреме, од националниот блок „Не отворам врата“ побараа од пратениците да го одложат пописот, во спротивно се заканија со бојкот. Бараат да се одложи пописот затоа што сметаат дека во време на пандемија на ковид пописот би бил животозагрозувачки за граѓаните, од друга страна, пак, велат дека со постоечкиот закон ќе се изврши фалсификуван попис.
Од ВМРО-ДПМНЕ минатата недела побараа пописот да биде електронски, за, како што наведуваат, за не се загрозува здравјето на граѓаните.
За граѓаните кои ќе одбијат да бидат попишани од невакцинирани попишувачи, преку ротација ќе се обезбедат вакцинирани попишувачи, порача премиерот Зоран Заев, два дена пред официјалниот старт на пописот.
– Ќе се трудиме со максимална флексибилност тие граѓани што ќе одбијат невакцинирани попишувачи да бидат попишани од вакцинирани попишувачи. Кога ќе се случат вакви ситуации може да се направи рокада на попишувачите, односно кај тие граѓани да бидат испратени вакцинирани попишувачи. Голем дел од попишувачите се вакцинирани, а мал е бројот на граѓаните кои одбиваат да бидат попишани од невакцинирани попишувачи. Имајќи предвид дека пописот е 25 дена може да ги собереме сите податоци за граѓаните – вели Заев.
Попишувањето на лицата кои се во изолација поради ковид, доколку изолацијата им трае додека е пописот, појаснуваат од Статистика, ќе бидат попишани откако ќе излезат од изолација, а за нив податоци може да даде и некој близок кој не е во изолација, а ги знае сите податоци за лицето.
Добро се подготвени сите попишувачи, имаат и добра опрема за реализирање на пописот, кој почнува на 5 септември во недела, порача министерот за правда Бојан Маричиќ.
-Очекувам во недела наутро да започне пописот, кој ќе трае до 30 септември и кој треба да ги собере сите информации. Правни пречки нема никакви за да почне пописот, нема ниту технички и логистички пречки. Точно е дека се работи на дополнување на бројот на резервни попишувачи во одредени подрачја. Владата на располагање ги стави оние лица, кои се ангажирани со договор на дело по институциите, да помогнат таму каде што има потреба и мислам дека со тоа ќе се заокружи бројот на попишувачи, вели Маричиќ.
Пребројувањето на населението и домаќинствата почнува в недела на 5 септември и ќе трае до 30 септември.
Пописот првично требаше да се одржи од 1 до 21 април годинава, но се одложи за во септември на барање на опозицијата, поради состојбата со пандемијата во тој период. Теренското попишување беше одложено, но не и попишувањето на дијаспората кое сè уште трае и ќе трае до 30 септември преку онлајн апликација. Заклучно со вчерашниот ден, на апликацијата на Заводот за статистика се самопопишале 190.890 граѓани. (Ј.Ц.Г.)