Граѓаните чекаат мајстор и по неколку месеци и мора дебело да го платат за да им ја заврши работата

Недостигот од мајстори на различни профили ги принудува луѓето на кои им се потребни да ги пронајдат на различни начини, од упатувања до реклами или на социјалните мрежи. Недостигот на занаетчии го попречува секојдневниот живот на граѓаните кои понекогаш се принудени да чекаат и по две месеца за поправка или реновирање на стан. Градежните занаетчии го искористија недостигот на ваков кадар и двојно ги зголемија цените. Граѓаните велат дека освен што треба да ги чекаш по неколку месеци треба и дебело да ги платиш за да ти ја завршат работата

1364

Недостигот од мајстори од различни профили ги принудува граѓаните да ги бараат преку пријатели, реклами или на социјалните мрежи. Освен мајстори за реновирање на стан, нема ни гипсари, плочкари, молери, водоинсталатери… Недостигот на занаетчии го попречува секојдневниот живот на граѓаните кои понекогаш се принудени да чекаат и по неколку месеци за поправка или реновирање на стан. Градежните занаетчии го искористија недостигот на ваков кадар и двојно ги зголемија цените.

Според градежниот експерт Никола Велковски, проблемот со недостиг на градежни занаетчии – гипсари, плочкари, молери, водоинсталатери… постои одамна, но дури сега работите почнаа да се менуваат.

-Вистина ние немаме вакви работници. Уште пред 7-8 години баравме од државата да ги стимулира младите да се запишуваат во средните стручни училишта. Оваа година благодарение на помошта од коморите и на некои поголеми компании кои им нудат обука има повеќе запишани ученици во средните стручни училишта, што е позитивно. Сега и кај нас и во европските држави повеќе се бараат вакви профили отколку високо образован кадар. Ние сега практично немаме ваков кадар, бидејќи години наназад не го создававме. Оние што беа квалитетни работници си заминаа надвор од државата и сега ќе ни биде потребно повеќе време за да извадиме вакви профили кои ги бара пазарот, изјави за весникот ВЕЧЕР, Велковски.

Недостигот на кадар во градежништвото им го отежнува секојдневието на граѓаните кои се корисници на овие услуги. Тие мора да чекаат и по еден месец за некоја ситна поправка во домот.

-Не може сите да студираат и да се вработат во државна администрација. Треба да се стимулираат младите да се запишуваат на занаетчиските школи. Сегашните мајстори имаат над 50 години и наскоро и тие не ќе можат веќе да работат. Треба да се вади кадар за стопанството, а не за администрација, додава Велковски.

Недостигот од мајстори на различни профили ги принудува луѓето на кои им се потребни да го пронајдат на различни начини, од упатувања до реклами или на социјалните мрежи. Градежните експерти велат дека во Германија побрзо ќе најдеш мајстор, отколку кај нас.

Секаде во Европа фали ваков кадар и затоа нашиот замина да работи таму. Меѓутоа, градежните експерти велат дека и кај нас веќе платите на овие работници не се толку ниски, особено ако е приватник и има регистрирано компанија за таа дејност. Занаетите сега се поплатени и од нив може пристојно да се живее и добро да се заработува.

Недостигот на пазарот од ваков кадар си го направи своето и ги крена цените на ваквите услуги. И граѓаните потврдуваат дека цените за ваквите услуги се многу зголемени и оти за една ситна поправка ќе платиш и над 1.000 денари. Тие се жалат дека многу тешко се наоѓа мајстор, а за една обична поправка, како на пример замена на чешма, се чека и по две недели. За реновирање на стан и да не зборуваме, ќе чекаш и по месец-два, а до мајстор може да дојдеш само преку пријатели.

-Станот го реновирам веќе една година. Еден мастор кој го чекав два месеца почна со реновирање, но го викнаа на друго место за повеќе пари па морав да барам друг мајстор. И така додека најдов друг поминаа уште два месеци. Освен тоа ми треба и плочкар и молер, а не знам како ќе ги најдам. За пари и да не зборуваме, сигурно ќе ме одерат, важно е да се заврши работата, вели еден жител на Скопје кој го осетил на свој грб овој проблем во државата.

Некои од граѓаните на социјалните мрежи се жалат дека имале лошо искуство со мајстори, односно после поправката, чешмата повторно почнала да им капе, а болјерот им се расипал после два-три дена откако бил поправен. Поради тоа тие предупредуваат да се внимава на „лажни мајстори“.

(А.С.)