ГРАЃАНИТЕ СЕ РАСТРЧАА ПО „ЕВТИН“ ОГРЕВ – Кубик огревно дрво во сезона може да скокне до 100 евра

793

Огревното дрво (бука и даб) и натаму се продава по ланските цени. Во приватните стоваришта се продава околу 4.500 денари со вклучен превоз, но најевтино е во стовариштата на ЈП „Национални шуми“, каде што еден кубен метар даб и багрем од склад е 3.564 денари, бука е 3.444, а јавор, јасен и брест е 3.243 денари.

На социјалните мрежи се пишува дека цената на огревното дрво ќе расте и наесен ќе достигне цена повисока од 100 евра за кубик, па затоа сега сите трчаат за да нарачаат. Од стовариштата велат дека имаа доволни залихи на дрва за да ги услужат муштериите.

Пензионерите се жалат дека огревното дрво е поскапено речиси двојно – ако пред две години чинеше 2.500 денари за еден кубик, сега е поскапо за 2.000 денари. Бараат дрвата да ги купуваат на рати со оглед на малите пензии. Од ЈП „Национални шуми“ објаснуваат дека од нивните складишта можат да се купат дрва на рати, но тоа важи само за социјално-ранливите категории граѓани, како и за семејствата на бранители кои можат да купат огрев на 8 и повеќе рати.