Првичните реакции на јавноста околу акцијата „Новогодишна кошница“ се дека нема некое позначително намалување на цените на производите. Граѓаните велат дека и, покрај помпезното најавување на кошничката со која требаше да има поочигледно поевтинување од претходната мерка, сепак, воопшто не е така тоа во маркетите. Велат дека има намалување само кај неколку производи од еден производител што помалку се трошат. Така, на пример, ако има три вида јогурт од еден производител, намален е само еден од видовите јогурт, еден вид сирење…
Ова го потврдуваат и од Организацијата на потрошувачи на Македонија, од каде што велат дека, покрај оваа акција, потребно е да има и новогодишни акции со што би се намалиле и цените на оние производи што не се во кошничката.
– Производителите и трговците можат да прават новогодишни акции и кај производите што се веќе намалени, со што дополнително би се намалила нивната цена. Со оглед на тоа што има намалување само кај одредени производи, со новогодишна акција, која може да трае и до 30 дена, може да се намалат цените на оние производи што не се во кошничката како, на пример, зејтинот, кафето…Така, на пример, ако има намалување само на еден вид јогурт од еден производител, со новогодишна акција може дополнително да ги намали другите два што не се во кошничката. На тој начин компаниите ќе покажат дека навистина се општествено одговорни – изјави за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова.
Таа вели дека со новогодишна акција може да бидат опфатени и оние производи што се покачени на светско ниво и чии цени зависат од берзанските цени како, на пример, кафето, какаото, шеќерот… Исто така, со новогодишна акција може да бидат опфатени одредени видови сирење, салами, путер што не се во кошничката.
– Не знам кој ќе биде крајниот ефект од акцијата „Новогодишна кошница“. И покрај тоа што се очекуваше поголем ефект од претходната мерка за намалување на маржата, сепак, првичните реакции на јавноста се дека нема големо намалување на цените на производите во маркетите. Сепак, за поздравување е акцијата, бидејќи произлезе од производителите и е потребно почесто да покажуваат вакви иницијативи што се во интерес на заштеда на семејниот буџет на граѓаните – додава Лончар-Велкова.
Од Сојузот на синдикати на Македонија пресметаа дека минималната синдикална кошничка во декември годинава повторно е зголемена за 840 денари во однос на претходниот месец и изнесува 62.861 денари.
Според пресметката на ССМ, од минималната синдикална кошничка, едно четиричлено семејство треба да одвои за храна и за пијалаци 23.075 денари или 36,7 отсто.
– Загрижува тоа што трговците повторно го искористија периодот пред стапување на сила на последната акција и евидентно ги зголемија цените, а дополнително и вредноста на синдикалната минимална кошничка за храна и за пијалаци за 63 основни производи. Овие производи се дел и од синдикалната кошничка, која во декември изнесува 23.075 денари и е зголемена за дополнителни 397 денари наместо да биде намалена за најмалку 10 отсто – соопштуваат од ССМ.
Оттаму посочуваат дека делот на храната и на пијалаците во синдикалната минимална кошничка, кој за декември изнесува 23.075 денари споредено со септември 2024 година (23.034,00 денари), е зголемен за 41 денар. Со ова се потврдува дека почесто се потребни мерки, имајќи предвид дека од трговците се злоупотребува секоја можност за да се богатат на грбот на граѓаните и на работниците.
– Сојузот на синдикати на Македонија бара мерките да траат подолго за Владата значително да придонесе за зачувување на животниот стандард на граѓаните, а следната мерка да биде без да бидат информирани трговците и стопанствениците за неа за да не направат повторно злоупотреби на грбот на граѓаните и на работниците – стои во соопштението од ССМ.
Од опозицискиот СДСМ обвинија дека со „Новогодишната кошница“ наместо да се намалат цените, сега се зголемиле.
– Основните прехранбени производи веќе не се достапни за сите, тие сега стануваат луксуз. Оваа состојба е директна последица на неспособноста и на манипулациите на власта со т.н. кошнички, кои немаат никаков ефект. Измамата со „Новогодишната кошница“ се гледа во маркетите, наместо пониски, има повисоки цени. Цената на зејтинот порасна од 83 денари (цена од 1 октомври) на 97 денари. Јајцата, кои се продаваа од 75 до 85 денари, сега се над 100 денари, дури и до 140 денари за едно пакување. Кашкавалот од некои производители веќе надминува 600 денари за килограм. Јогуртот со 3,2% масленост достигнува над 72 денари. Ова се факти што потврдуваат дека мерките на власта не ја олеснуваат, туку ја влошуваат ситуацијата за граѓаните.
Трговците прво ги зголемија цените, а потоа стапија мерките на сила, без никаква реална корист за луѓето, реагираат од опозицијата.
И граѓаните што пазареа неделава во маркетите велат дека не гледаат дека е намалено нешто и оти за истите производи што ги купуваат, трошат исто толку колку што трошеле и пред намалувањето.
(А.С.)