Годишниот раст на вкупните депозити во октомври изнесува 11 отсто, произлегува од зголемените депозити на двата сектора, со поизразен придонес на секторот домаќинства. Вкупните кредити, пак, на годишна основа, се зголемени за 9,2 отсто, како резултат на зголеменото кредитирање на двата сектора, при поизразен придонес кон растот на кредитите на корпоративниот сектор, соопшти Народната банка
Кај вкупните депозити на корпоративниот сектор, во октомври, е забележан месечен раст од 3,2 отсто, кој, пред сè, се должи на повисоките депозитни пари и краткорочни депозити во денари, при остварен раст и на долгорочните депозити, додека краткорочните депозити во странска валута забележаа пад. Споредено на годишно ниво, депозитите на корпоративниот сектор се повисоки за 10 отсто, во поголем дел како резултат на растот на депозитните пари, а дополнителен позитивен придонес имаат и долгорочните депозити и краткорочните депозити во денари, додека краткорочните депозити во странска валута бележат намалување.
Овој месец, кредитите на корпоративниот сектор остварија месечен раст од 2,8 отсто, при годишен раст од 10,4 отсто, соодветно. Притоа, месечната и годишната промена во целост се должат на зголеменото кредитирање во денари, при остварен пад на кредитите во странска валута.
Вкупните депозити на домаќинствата во октомври се зголемени за 0,7 отсто на месечно ниво, во целост како резултат на растот на долгорочните депозити во денари и во странска валута, во услови на забележан пад кај краткорочните депозити и депозитните пари. Годишниот раст од 11,7 отсто се должи на повисоките депозитни пари и долгорочните депозити во денари и во странска валута, додека краткорочните депозити бележат намалување.
Кредитите на домаќинствата во октомври забележаа месечно и годишно зголемување од 0,9 отсто и 8,2 отсто, соодветно. Промената кај двете основи произлегува од растот на кредитите во денари и во странска валута, со поголем придонес на кредитите во денари.
Гледано според намената на кредитите одобрени на физичките лица, потрошувачките и станбените кредити, како најзастапени категории, бележат месечен раст од 0,9 отсто и 1,1 отсто, соодветно, како и годишен раст од 7,2 отсто и 11,3 отсто, соодветно. Овој месец, кај автомобилските кредити е остварено месечно и годишно зголемување од 0,9 отсто и 13,6 отсто, соодветно. Кредитите одобрени на кредитни картички и негативните салда на тековните сметки во октомври се повисоки за 0,2 отсто и 1,5 отсто, соодветно, на месечна основа, додека на годишна основа бележат намалување од 8,5 отсто и 0,8 отсто, соодветно. Кај кредитите одобрени врз други основи, забележано е месечно зголемување од 0,4 отсто, во услови на годишен пад од 16,1 отсто.