Граѓаните менуваат ваучер за домашен туризам од 6.000 денари за 4.000 денари кеш

Во хотелите и другите сместувачки капацитети, каде што се јавивме ни рекоа дека досега имале најмалку една ваква понуда од корисници на ваучери, но сите велат дека ја одбиле, бидејќи, како што објаснуваат, не вреди да се ризикува за толку малку пари. Туристите на државна сметка најмногу резервираат за периодот околу 2 август, за да ги искористат неработните празнични денови

358

 

Граѓаните кои добија ваучери за домашен туризам веќе резервираат термини за летување во понудените сместувачки капацитети како хотели, приватни соби, вили, одморалишта, бањи, кампови… Но, исто така, како што информираат угостителите се јавуваат и за да прашаат дали може да го заменат ваучерот за пари.

Има шпекулации дека во одредени сместувачки капацитети, пред сè во Охрид, каде што има најголема понуда на легла за туристите на државна сметка, ваквите непристојни понуди се прифаќаат, па ваучерот од 6.000 денари се менува за 4.000 денари. Ова го демантираат угостителите со кои вчера стапивме во контакт, но во сите десетина објекти каде што се јавивме ни рекоа дека имале прашања од барем двајца корисници на ваучери дали може за нив да добијат кеш.

-Има такви јавувања, не често, но ги има. Досега само тројца-четворица граѓани се јавија да прашаат дали може да не доаѓаат, а за ваучерот да им дадеме пари. Ние, нормално ги одбиваме. Не верувам дека некој прифаќа такви понуди, зашто се работи за малку пари, а може да биде казнет, вели еден издавач на приватни соби од Охрид, пријавен на платформата domasiedoma.gov.mk.

И во еден охридски хотел ни рекоа дека имале таква понуда, но ја одбиле.

-Ни се јави само еден човек за да праша дали може за ваучерот да добие пари. Ние му понудивме да резервира сместување, како што е предвидено со уредбата, не информираа во хотелот.

Шпекулации дека вакви барања се прифаќаат и дека ваучер се менува за 4.000 денари во кеш се шират и по социјалните мрежи.

Замената на ваучерот за пари во Уредбата со законска сила не е наведена како конкретен прекршок кој се санкционира, но во неа стои дека ваучерот за туризам се користи за еднократен престој кај давател на туристички и угостителски услуги, без можност за прекинување и делење на престојот и користење на повеќе услуги со различна цена. За непочитување на оваа одредба, за давање неточен или лажен извештај за ваучерите и за други прекршувања на правилата Уредбата предвидува глоби од 100 до 3.000 евра во зависност дали се работи за микро, среден или голем трговец и од 50 до 500 евра за одговорното лице во него.

Според Уредбата, надлежен за инспекцискиот надзор е Државниот пазарен инспекторат.

Инаку, хотелиерите и другите издавачи на легла кои прифатија да примат туристи со државни ваучери ни изјавија дека граѓаните во овој период повеќе се јавуваат отколку што резервираат.

-Најмногу се јавуваат за да резервираат за периодот околу 2 август. Сакаат да ги искористат празничните неработни денови, ни рекоа секаде каде што се јавивме.

Еден приватен издавач на соби не информира дека гостите со ваучери почнале да доаѓаат, но дека интересот е најголем за август, за кога веќе има голем број резервации.

-Повеќе се јавуваат за да се распрашаат што нудиме, кои се цените, отколку што резервираат. Изгледа работата е во тоа што има голем избор, па луѓето сакаат добро да проверат каде да го потрошат ваучерот, ни рекоа во еден хотел.

Ваучери за домашен туризам уште во јуни добија 117.122 граѓани кои се вработени, но имаат месечни нето-плати под 15.000 денари и немаат дополнителни приходи. Овој месец се издадоа и нови за граѓаните на кои им се уважија приговорите дека не добиле ваучер, а им следува. Ваучерите може да се искористат во периодот од 15 овој месец до 15 декември годинава за престој во 443 пријавени сместувачки капацитети низ државата, од кои 45 отсто се хотели, уште толку се приватни издавачи, а останатите 10 проценти се автокампови, одморалишта, домови и слично.

Кои се ефектите од овој проект кој е дел од третиот сет владини антикризни мерки ќе се знае најдоцна до 31 март наредната година, до кога Министерството за економија треба да ѝ даде отчет на Владата.

(С.В.)