Граѓаните да пријавуваат до Државниот пазарен инспекторат ако забележат аномалии при купувањето на производи што се опфатени со Одлуката за ограничени трговски маржи, порачаа од Организацијата на потрошувачите на Македонија.
Исто како и од Пазарниот инспекторат, така и од ОПМ забележале дека одредени трговци во намера да ја избегнат мерката и да ги поевтинат посочените производи од владината Одлука, на рафтовите во маркетите пласираат производи како нови и со намалена грамажа.
– Алармиравме дека ќе има големо покачување на цените, посебно тогаш кога се укина одлуката за гарантирана цена. Тогаш трговците ги вивнаа цените. Ние укажувавме дека пред донесување и стапување во сила на законот за фер трговски практики кој се однесува на трговци и добавувачи, односно посочивме дека сè додека 2.500 производи не поевтинат, одлуката да не се отстранува, но ја тргнаа и гледаме сега што сè се случува – истакна претседателката на ОПМ, Маријана Лончар-Велкова.
Од Пазарниот инспекторат викендов посочија на производи на кои грамажата е променета, а со намалување на грамажата на производите, тие уште повеќе поскапуваат. Најавија поригорозни контроли и строги казни.
– Во маркетите на купувачите не им ги нудат оние пакувања кои претходно ги имало и што се опфатени со Одлуката за маржите, туку некои други, со помала грамажа. Се обидуваат на секаков начин да ја заобиколат Одлуката и да остварат профит. Некои трговци имаат празни рафтови пред етикетите за намалување на маржите, а вршат и притисоци врз добавувачите да не им носат од производите опфатени со Одлуката – рече директорот на ДПИ, Горан Трајковски.
Тој им порача на трговците на мало и оние на големо да не се обидуваат да го заобиколуваат законот и да ја почитуваат Одлуката.
– Ќе казнуваме, за никого нема да има компромис, законот ќе важи и мора да важи за сите. Им порачувам и на трговците на мало и на трговците наголемо, да не се обидуваат да ги заобиколуваат законите за да не ја почитуваат Одлуката. Тоа нема да го дозволиме. Мора да имаме правичен систем и секој што сака да е дел од него е добредојден, но секој што ќе се обиде да го заобиколи, ќе биде најстрого казнет – рече директорот на ДПИ.
Инаку, пазарни инспектори секојдневно се на терен и постапуваат по пријави од граѓаните. Од ОПМ велат дека Пазарниот инспекторат е единствената институција која е добро екипирана за брзи мерки, казни и привремени мерки.
Казните за непочитување на мерката есенска кошничка изнесуваат од 2 до 10 илјади евра, додека за прекршување на Законот за нефер трговски практики глобите се и до 20 илјади евра.