Граѓаните го заменија кашкавалот со сирење, путерот со маргарин, печеницата со паризер…

Соочени со високите цени и со потребата да се задоволат секојдневните потреби за храна, граѓаните почнаа да ја гледаат само цената, не и квалитетот на производите. Дури и оние со повисоки примања внимаваат што купуваат. Ако порано можеле да си дозволат по неколку вида кашкавал, сега купуваат само еден вид – најевтиниот, исто е и со сувомесните производи. Од друга страна, пак, има семејства што не може да си дозволат кашкавал, па го заменуваат со поевтино сирење или со урда или, пак, купуваат растителни производи, кои се поевтини

381

Високите цени ги сменија потрошувачките навики на граѓаните, наместо вкусна и квалитетна храна, сè почесто купуваат евтини производи. Кашкавалот го заменија со сирење, путерот со маргарин, печеницата со паризер…Соочени со високите цени и со потребата да се задоволат секојдневните потреби за храна, граѓаните почнаа да ја гледаат само цената, не и квалитетот на производите. Дури и оние со повисоки примања внимаваат што купуваат. Ако порано можеле да си дозволат по неколку вида кашкавал, сега купуваат само еден вид – најевтиниот, исто е и со сувомесните производи. Од друга страна, пак, има семејства што не може да си дозволат кашкавал, па го заменуваат со поевтино сирење или со урда или, пак, купуваат растителни производи, кои се поевтини.

Од Организацијата на потрошувачи на Македонија објаснуваат за весникот ВЕЧЕР дека постојаниот раст на цените ги менува потрошувачките навики на граѓаните, кои гледаат само да е поевтино и не гледаат на квалитетот.

– Народот нема пари и не може да си дозволи да купува квалитетни производи. Сега се гледа само да е евтино. Ако порано се купувале по неколку вида кашкавал за секого од семејството, сега се купува само еден – најевтиниот. Меѓутоа, има семејства што не може ни да си дозволат кашкавал, кој достигна над 400 денари за килограм, па купуваат само сирење, урда или растителни производи, кои се поевтини. Путерот го заменија со маргарин, кој има трансмасти, кои влијаат на зголемување на холестеролот и на здравјето на луѓето. Путерот од 250 грама го намалија на 200 грама и чини 120 денари, што е многу за нашиот стандард, со оглед на тоа што се троши за неколку дена. Исто е и со сувомесните производи, наместо печеница и кулен, се купува некоја поевтина шунка, која има многу вода – вели за весникот ВЕЧЕР Маријана Лончар-Велкова.

Таа додава дека, покрај зголемувањето на цените, се намалува и грамажата, а цената останува иста. Наместо килограм – 900 грама, наместо 500 – 400 грама, наместо еден литар – 900 милилитри.

Што се однесува до есенската потрошувачка кошничка. од ОПМ сметаат дека таа треба да трае цела есен, односно три месеци, а не само еден месец. Производите што се содржани во есенската кошничка се производи што се користат цела година, не само во есен.

– Треба да се разграничи дали ќе остане да важи намалувањето на маржите од 10 отсто и по донесувањето на Законот за нефер трговски практики, бидејќи и овие 100 производи ќе влезат во Законот со кој, исто така, се предвидува намалување на маржите од 10 отсто. Есенската кошничка ќе важи и откога ќе се донесе законот, па поради тоа треба да се каже попрецизно дали ќе се намалат маржите со законот за уште дополнителни 10 отсто – појаснува Лончар- Велкова.

И од Сојузот на синдикати на Македонија сметаат дека, поради ниските плати и пензии и постојаниот раст на цените, граѓаните сè почесто купуваат поевтини производи за да го наполнат фрижидерот.

– И со намалување на маржата за 10 отсто, производите пак ќе бидат скапи за граѓаните. Ако се намали кашкавалот од 450 денари на 400, тој пак ќе биде скап за повеќето граѓани. Ништо не сте направиле со тоа. Кашкавалот и сирењето станаа луксуз за граѓаните, кои ги заменија нив со евтино кравјо сирење, кое чини околу 300 денари за килограм. Исто е и со сувомесните производи, кои ретко кој може да си ги дозволи. Обичниот паризер, кој е само соја и нема ништо хранливо, стана 50-60 денари за 300 грама, а што да кажеме за другите – изјави за весникот ВЕЧЕР Љупчо Радевски од Сојузот на синдикати на Македонија.

Тој смета дека есенската кошничка нема да има поголем ефект врз намалувањето на цените и е краткотрајна мерка, бидејќи по еден месец откако ќе се вратат маржите по старо, производите пак ќе поскапат.

(А.С.)