Брзо се зголемуваат средствата на компаниите кои даваат брзи кредити. Финансиските друштва, како што е официјалниот назив на овие компании, кои ги има вкупно 32, за само една година го зголемиле капиталот за една третина.
Најновата евиденција на Народната банка покажува дека вкупните средства на финансиските друштва на крајот на јуни лани изнесувале околу 72 милиона евра, за на крајот на овој јуни да се искачат на 95 милиони. Или, за една година средствата им се зголемиле за околу 24 милиони евра, што е раст од 33,1 процент и тоа во услови кога лани претрпеа загуба поради поволностите што мораа да им ги дадат на клиентите, како владина мерка за олеснување на последиците од економската криза предизвикана од пандемијата.
Анализа на Асоцијацијата на финансиски друштва укажува и на брз раст на бројот на финансиските друштва. Од 10 во 2015 година, сега нивниот број е зголемен на 32.
До крајот на минатата година тие одобриле кредити од околу 3,5 милијарди денари на граѓани и околу 980 милиони денари на фирми. Од 14.400 во 2015 година, четири години подоцна бројот на граѓани корисници на брзи кредити расте на околу 100.000. Истовремено, бројот на фирми кои користеле брзи кредити се зголемува на 686. Економската криза предизвикана од пандемијата поради која многу граѓани останаа без работа и без или со намалени приходи, го зголеми бројот на кредитокорисници на финансиските друштва за една четвртина.
Во услови кога банките „низ лупа“ ја проверуваат кредитоспособноста на барателите на кредити, сè повеќе граѓани се вртат кон финансиските друштва. Растот на нивните број и на средства практично покажува дека граѓаните биле гладни за кредити. Поволност за нив е тоа што сега тие се одобруваат и без физичко присуство, односно онлајн или по телефон, а парите се достапни на сметка за само неколку минути. Каматите и другите трошоци последниве години не дивеат како порано, туку се ограничени со закон.
Црна дамка на брзото кредитирање последниве години ставаат измамите. Како што пишуваше весникот ВЕЧЕР не така мал број граѓани пријавиле во полиција дека без да одобрат некој ги задолжил со брз кредит.
–Во Единицата за економски и компјутерски криминал при Сектор за внатрешни работи Скопје, во последните две години, евидентирани се зачестени пријави од страна на граѓани по предметниот кривичноправен настан. Од пријавите на оштетените граѓани, но и од преземените мерки и активности од страна на полициски службеници од Единица за економски и компјутерски криминал генерално може да се констатира дека во еден дел од извршеното кривично дело „Злоупотреба на лични податоци“, злоупотребата на личните податоци ја вршат сторители кои што се познаници или роднини на оштетените лица кои што ја искористуваат блискоста на оштетените и по пат на измама ги доведуваат во заблуда, наведувајќи ги да им ги приложат нивните лични податоци кои што подоцна ги злоупотребуваат. Но, во одреден број на случаи злоупотребата се врши и преку кражба на лични документи или губење на истите од страна на сопственикот, кои што лични податоци непосредно потоа се злоупотребуваат, изјавија од МВР.
Од финансиските друштва, пак, велат дека имаат обучени службеници кои во разговор со кредитобарателот се обидуваат да дознаат дали се работи за измама, но пропусти сепак има. Најнов објавен случај е од пред еден месец. Кавадарчанец пријавил во МВР дека колега во негово име зел кредит од 1.000 евра.
Инаку, финансиските друштва се во групата на останати финансиски организации – ОФИ, во кои спаѓаат и пензиските фондови, осигурителните друштва, инвестициските фондови, лизинг друштвата и друштвата за управување со пензиските и инвестициските фондови. Според последната статистика на Народната банка најбрз раст на средствата имаат токму финансиските друштва, додека пак најмногу пари поседуваат пензиските фондови.
(С.В.)